ВЕЛЕШАНИ СОМНИТЕЛНИ НА КОВИД-19 СО ТАКСИ ОДАТ ДО БОЛНИЦА ОТИ БРЗА ПОМОШ Е ПРЕЗАФАТЕНА

    ВЕЛЕШАНИ СОМНИТЕЛНИ НА КОВИД-19 СО ТАКСИ ОДАТ ДО БОЛНИЦА ОТИ БРЗА ПОМОШ Е ПРЕЗАФАТЕНАСлужбата за итна помош поради зголемениот обем на работа не може да престигне да ги пренесе сите случаи, позитивни или сомнителни, па дел од нив во отсуство на друг превоз користат такси услуги и затоа таксистите се најмногу изложени на закана од заразата овие денови, рече градонаалникот Аце Коцевски. (Фото: СДК.МК)

    Велешките таксисти се на удар на заразата со коронавирус поради напливот на пациенти сомнителни на ковид-19  кои ги користат такси услугите за превоз до болница зашто Брзата помош е презафатена, кажа градоначалникот на Велес Аце Коцевски на денешната прес-конференција по седницата на Општинскиот кризен штаб.

    „Во болницата доаѓаат сè потешки здравствени случаи. Службата за итна помош поради зголемениот обем на работа не може да престигне да ги пренесе сите случаи, позитивни или сомнителни, па дел од нив во отсуство на друг превоз користат такси услуги и затоа таксистите се најмногу изложени на закана од заразата овие денови“, рече Коцевски и додаде дека се бара решение како да се сопре оваа состојба.

    Градоначалникот соопшти дека Кризниот штаб бара од работодавачите во општината нова дополнителна мерка, таму каде што има кластери, а во интерес на здравјето на вработените.

    „Препорачуваме да се даваат паузи за да се прави проветрување на просториите, таму каде што има поголем број вработени“, рече Коцевски.

    Тој објави дека во општината има вкупно седум деца и ученици позитивни на ковид-19 и 17 наставника и воспитувачи од градинките со коронавирус. До вчера, во Велешко имаше 757 активни случаи, а зклучни со денес има 53 починати, за два дена починаа шест лица, а четири денес.

    „Состојбата со заразени од ковид-19 во Велешко е крајно критична. Состојба се смирува ако се прават споредби со состојбите од пред десетина дена. И натаму мораме да бидеме сериозни и максимално одговорни. Здравствените работници прават максимално што можат во рамките од нивните надлежности. Но и тие се преморени и затоа да ги почитуваме препораките на Министерството за здравство“, кажа Коцевски.

    И покрај барањата на матичните доктори од Велес за отворање тријажен приемен центар за лицата позитивни или сомнителни на ковид-19, досега нема решение. Останува само констатацијата на Кризниот штаб дека проблемот е сериозен, иако приватните доктори бараат таков центар веќе две седмици.

    Градоначалникот кажа дека започнале активностите за изградба на монтажна ковид болница, во кругот на постојната, на местото до хелидромот ,за што локалната власт издвоила 1,5 милион денари за изградба на инфраструктурата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира