СО ВЕЛОСИПЕД ВО ВОЗ КАКО ЕДЕН ОД АЛТЕРНАТИВНИТЕ НАЧИНИ НА КОМБИНИРАН ПРЕВОЗ КОИ ЌЕ ГИ РАЗВИВА ГРАД СКОПЈЕ

    СО ВЕЛОСИПЕД ВО ВОЗ КАКО ЕДЕН ОД АЛТЕРНАТИВНИТЕ НАЧИНИ НА КОМБИНИРАН ПРЕВОЗ КОИ ЌЕ ГИ РАЗВИВА ГРАД СКОПЈЕДваесетина велосипедисти со велосипедите во воз стасаа во центарот на градот, презентирајќи ја идејата за алтернативен и комбиниран начин на превоз.(Фото: Град Скопје)

    Од Лисиче до главната железничка станица во Скопје со воз денеска група велосипедити стасаа за 4 минути, а потоа со нивните велосипеди возеа низ градот. Идејата за воведување на железницата и возот како едно од алтернативните средства за превоз во комбинација со возење велосипед денеска ја промовираше градоначалникот Петре Шилегов во рамките на Европската недела на мобилност.

    „Денеска, по иницијатива на здруженијата ‘Прв до врв‘ и ‘На точак‘ ја презентираме идејата дека низ Скопје може да се движиме на различни начини. Впрочем, во мојата предизборна кампања ја промовирав идејата во иднина да може да формираме градски воз, а денешниот настан е мала демонстрација на таа можност. Од Лисиче до главната железничка станица во центарот на градот возот стигна за четири минути, а потоа ќе продолжи со своето движење до Ѓорче Петров. Значи, како алтернатива, би можеле во Лисиче да влеземе во воз со велосипед и за четири минути да бидеме во центар и да го продолжиме своето движење со велосипед до саканата дестинација“ рече Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов денес најави дека овој концепт во иднина ќе се развива. (Фото: Град Скопје)

    Во периодот што следи ќе се ревитализираат постојните осум железнички станици во Скопје за тие да бидат подостапни и граѓаните да го користат што помасовно овој начин на превоз.

    „Ова е почетокот, работиме на целосен концепт, да се внесе велосипедот во посебен вагон, како и да ги има почесто возови. Сега за сега може да го користат овој алтернативен начин на превоз со редовните линии за возови. Новите еколошки автобуси кои ќе ги набавиме ќе бидат со држачи за велосипеди за да можат и со тој превоз граѓаните да комбинираат движење низ градот. Моја цел е Скопје да биде град со алтернативни можности за транспорт, како што е сега во Берлин, Амстердам и други европски градови“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари