Велосипедската патека на улицата Орце Николов во скопската општина Центар е блокирана со купишта ѓубре. Покрај паркираните возила во близина на Боемска улица и контејнерите кои се среде улица, на патеката стојат растурени ќеси, бидејќи садовите се преполни, а возила на ЈП „Комунална хигиена“ викендов не поминале да го соберат ѓубрето.
За поставените контејнери до велосипедски патеки во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов остро реагираа од граѓанската иницијатива „На точак“. Во нивните реакции до Град Скопје стоеше дека новите контејнери со ножно отварање на капаците се поставени среде патеките и велосипедистите морале да ги заобиколуваат. Патеките беа нацртани со мало накривување на правецот на движење.
И градоначалничката Данела Арсовска, како кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, во изборната кампања „За модерно Скопје“ држеше прес-конференции пред контејнерите.
После две години мандат на Арсовска, контејнерите не се тргнати како што бараа тогаш „На точак“ туку дополнително патеките се затрупани и со ѓубре.
Од „Комунална хигиена“ нема одговор зошто ѓубрето не е собрано, затоа што раководителите на јавните претријатија и службите за односи со јавност имаат забрана да контактираат со медиуми.