ВЕНЧАЛНАТА САЛА ВО БИТОЛА СЕГА Е ДОСТАПНА И ЗА ЛИЦА СО ИНВАЛИДИТЕТ

    ВЕНЧАЛНАТА САЛА ВО БИТОЛА СЕГА Е ДОСТАПНА И ЗА ЛИЦА СО ИНВАЛИДИТЕТСимона Јовеска, вработена во Општина Битола, со помош на платформата и адаптациите сега полесно доаѓа на работа. (Фото: СДК.МК)

    Пар млади битолчани, од кои младоженецот во инвалидска количка, без никакви потешкотии склучија брак во венчалната соба во Општина Битола благодарение на лифтот за инвалидизирани лица што е поставен во објектот. Младоженецот поради повреди на ‘рбетниот столб бил во моторизирана инвалидска количка, а невестата била подвижна. На двајцата им било посебно мило што како и сите други парови успеале да се регистрираат во венчалната сала.

    Покрај лифт-платформа за инвалидски колички, Општина Битола изгради и пристпна рампа и тоалет приспособен за лицата со физичка попреченост по најнови светски стандарди. Со ова целосно е овозможена достапност на услугите на лицата од оваа категорија, како и можноста да работат во установата.

    Симона Јовеска, лице со физичка попреченост, вработена во Општина Битола на проекти за социјални услуги за ранливи групи, со помош на платформата и адаптациите сега полесно доаѓа на работното место.

    „Ова е моментот кога секое лице со физичка попреченост има пристап до општинската зграда. Сега секој еден од нас може лично да дојде да ги заврши своите обврски произлезени од некоја потреба, но ова е и моментот кога можеме да го видиме резултатот од континуираните напори на Општината и на градоначалничката за уривање на бариерите и создавање на едно општество, единствено и еднакво за сите, општество во кое секој еден ќе биде почитуван и ќе има можност да работи“, рече Јовеска.

    Општината е зграда со многу скали и беше тешко пристпна за лица со физичка попреченост.

    „Со средства од над 1.500.000 денари, Општината обезбеди лифт за влез во зградата и изврши целосна санација и адаптација на тоалет наменет за лицата со потешкотии во мобилноста. Во годината која што помина, направивме 17 локации со спуштање на тротоарите по должината на улица Партизанска, со што во рамките на нашата Општина овозможивме полесна мобилност на граѓаните. За прв пат годинава, Општината преку програмата за социјална заштита обезбеди 1.000.000 денари за поддршка на лицата со потешкотии во движењето, за адаптирање на пристапот до нивните домови“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Од Здружението за телесни инвалиди „Мобилност“ рекоа дека се на прагот да добијат меѓународен грант со кој ќе се рушат сите архитектонски бариери во Битола. Освен ваквите бариери, проблем е невработеноста кај оваа група од 1.100 лица во Битола, од кои помалку од сто се вработени, но дел од другата бројка отпаѓа и на пензионери.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира