ВЛАДАТА ДАДЕ 23 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДОИЗГРАДБА НА ТЕАТАРОТ И БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВО, СЕ ГРАДИ 8 ГОДИНИ, А ЌЕ ЗАВРШИ ВО 2025

    ВЛАДАТА ДАДЕ 23 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДОИЗГРАДБА НА ТЕАТАРОТ И БИБЛИОТЕКАТА ВО ТЕТОВО, СЕ ГРАДИ 8 ГОДИНИ, А ЌЕ ЗАВРШИ ВО 2025Сега одобрените 23 милиони евра се предвидени за ентериерно опремување и за набавка на современа аудиовизуелна опрема. (Фото: СДК.МК)

    Владата во наредните 4 години ќе даде 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот во кој ќе бидат сместени новиот театар и библиотеката во Тетово. Објектот, за кој градежните работи речиси се завршени, сега во втората фаза ќе биде опремен со најсовремени аудиовизуелни уреди какви досега нема во државата, а исто така ќе се опреми ентериерот и инфраструктурата за библиотеката.

    „Проектот за изградба на театар и библиотека во Тетово е еден од најобемните проекти како во однос на реализацијата, така и во однос на изградбата. Сега успеавме да ги финализираме постапките за почеток на втората фаза од изградбата односно за ентериерот. Објавивме јавна набавка со отворена постапка, значи меѓународен повик, при што е избран понудувачот, а тоа е групата на понудувачи „НБ компани“ од Тетово и „Пелагонија“ од Гостивар, со кои денес склучуваме договор за почеток на работите. Средствата за реализација на изградбата се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија преку програмата од Министерството за култура. Втората фаза ќе чини 1 милијарда и 420 милиони денари или околу 23 милиони евра. Парите ќе се пуштаат по фази на изградбата сé до декември на 2025 година, за кога е предвидено објектот целосно да биде завршен со градба и внатрешно да биде опремен“, изјави Арлинд Хусеини, директор на НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

    Иако Тетово има Дом на културата со голема сала со 600 седишта, во 2014 започна да се гради нов објект за театар и библиотека на растојание од неколку метри од постоечкиот Дом. Во првите години изградбата одеше мошне бавно, за конечно годинава, по осум години градење да се заврши првата фаза, односно да завршат градежните работи за што беа потрошени 13,5 милиони евра. Сега одобрените 23 милиони евра се предвидени за ентериерно опремување и за набавка на современа аудиовизуелна опрема.

    Со ова, Тетово ќе го добие еден од најскапите објекти во државата од областа на културата. Целосната изградба на Театарот и библиотеката треба да завршат на крајот од 2025.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира