Скопје утре ќе остане без јавен превоз ако Владата не го подмири долгот за ученички билети, кажа секретаторот на Град Скопје Зоран Глигоров. Тој наместо градоначалничката Данела Арсовска во просториите на Градот одржа прес-конференција, на која кажа дека виновни за тоа што ЈСП Скопје нема плата се Владата и Министерството за образование. Затоа, тие утре ќе излезат на протест пред Влада.
„ За ученички билети ни се должат 120 милиони денари. Мора секој да си ги подмирува обврските за да може претпријатието да функционира. Нас на овој начин ни се прави притисок“, кажа Глигоров.
Тој не даде конкретен одговор на нашите прашања зошто не се обезбедат пари од други извори, со оглед дека блок-дотациите се само еден мал дел од парите со кои се покриваат плати и други трошоци. За плата месечно се потребни 60 милиони денари, што значи парите од Влада се доволни само за две плати.
Глигоров не кажа како ќе се обезбедат другите плати, со оглед на тоа дека вработените бараат да им се гарантираат дека платите нема да доцнат и во наредните месеци.
А. АНТЕВСКА