Владата ги повикува надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на жителите на Скопје, откако граѓани на Центар, Скопје Север и Топанско Поле, во медиуми и на социјалните мрежи се пожалија дека деновиве се без парно или греењето е многу слабо. Владата вели дека ги помага и граѓаните и Општините и Градот Скопје, но кога се во прашање финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, први повикани се надлежните локални власти, објави МИА.
Од Владата велат дека во текот на следната недела ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош, но „едностран раскин на договорните обврски и прекин на греењето на штета на граѓаните и домаќинствата во зимски услови не може да биде ниту оправдано ниту прифатливо“.
Од Топланата Скопје Север за Телма потврдија дека не испорачуваат топлинска енергија и дека очекуваат од понеделник Општина Чаир да си го подмири долгот, за да може да купат гас.
Снабдувачот „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) сооопшти дека „во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран режим сè со цел внатрешната температура во домовите да се одржува на 20 степени. Доколку некои објекти се соочуваат со локален проблем или имаат температура во домовите под 20 степени, треба да пријават во центарот за грижа на потрошувачи“.
Регулаторната комисија за енергетика, минатата недела одлучи цената парното греење во Скопје од овој месец да се зголеми за 14 отсто.
Поранешниот скопски градоначалник на Скопје Петре Шилегов уште во април 2018 најави дека Град Скопје ќе ја преземе дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија од БЕГ, но тоа не се случи. Најпрво проблем беше тоа што мрежата била дивоградба, па се чекаше да заврши процесот на нејзина легализиација, а потоа работите се одложиле поради коронакризата и изборите. Град Скопје уште ја нема добиено лиценцата.
За да управува со топловодната и гасоводната мрежа во Скопје, Градот формираше и јавно претпријатие „Градски енергетски системи“. Еден од приоритетите во работата на новото претпријатие треба да биде поврзување на „Топлана Север“ со топловодната мрежа, проширување на мрежата во другите делови на градот и спроведување политика што поголем број граѓани да се приклучат на парно греење и да добиваат пониски сметки.