ВЛАДАТА ИТНО ДА ИМЕНУВА НОТАР ВО РАДОВИШ, БАРААТ ЖИТЕЛИТЕ КОИ ЦЕЛА ГОДИНА ЗА НОТАРСКИ УСЛУГИ ОДАТ ВО СТРУМИЦА

    ВЛАДАТА ИТНО ДА ИМЕНУВА НОТАР ВО РАДОВИШ, БАРААТ ЖИТЕЛИТЕ КОИ ЦЕЛА ГОДИНА ЗА НОТАРСКИ УСЛУГИ ОДАТ ВО СТРУМИЦАОд Министерството за правда потврдија дека деновиве се подготвува конкурсот за избор на нотар за нотарското подрачје на Радовиш, но не конкретизираа термин кога ќе биде објавен и за колку нотари ќе биде распишан (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од една година, жителите на Општините Радовиш и Конче за какви било нотарски услуги мора да патуваат во Струмица, со што се изложуваат на дополнителни трошоци и губење време. Иако јавно реагираат и притискаат до надлежните конечно да се реши овој проблем, од нив уште нема официјална информација кога ќе биде пополнето испразнетото нотарско место за овие општини, каде што живеат околу 30 илјади жители.

    Од декември 2017, поради пензионирање на претходниот нотар Јован Стојчев, Радовиш остана без овластено нотарско лице, па со одлука на Нотарската комора и Министерството за правда, работата за ова нотарско подрачје да ја врши Јанко Милушев во Струмица, а во договор со странките да оди и во Радовиш.

    „Владата под итно да распише конкурс и да избере нотар во Радовиш. Така ли се решаваат проблемите и потребите на граѓаните? Цела година оваа општина и Конче да нема нотар и за било каква заверка на документи, не по твоја вина мора да одиш во Струмица. Кој ќе ти плати трошоци и време? Срамота е ова што се прави“, реагираат радовишани кои сметаат дека градот треба да има најмалку двајца нотари.

    За проблемот се свесни и во Општината, каде се во интензивна комуникација со Министерството за правда за да конечно распише конкурс. Како што вели градоначалникот на Општината Герасим Конзулов, измените на Законот за нотаријат биле пречка што конечно поминала и се чека да се распише конкурс.

    „Според моите информации, при крајот на декември поминале измените и според бројот на жители Радовиш го следуваат двајца нотари. Граѓаните со право реагираат и имаме разбирање за нив. Но, не е во наша надлежност. Она што го знаме дека е во тек е постапката за распишување на конкурс за избор на нотар“, вели Конзулов, кој смета дека кон средината на годинава радовишани ќе добијат нотар.

    Од Министерството за правда потврдија дека овие денови се подготвува конкурсот за избор на нотар за нотарското подрачје на Радовиш, но не конкретизираа термин кога ќе биде објавен и за колку нотари ќе биде распишан.

    „Во тек е постапката за распишување конкурс за Радовиш кој ќе биде објавен наредниот период“, кусо одговорија од Министерството за правда.

    Согласно измените на законот, именувањето нотари го распишува Министерството за правда, а го спроведува Нотарската комора која за таа цел формира комисија составена од пет члена, два од Комората, еден од Судскиот совет на РМ, еден од Академијата на судии и јавни обвинители и еден универзитетски професор од правните факултети.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира