Преспанко-пелагонискиот владика Петар денеска одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК како се чувствува по заразата со ковид-19 и зошто одлучил да се лекува во приватна болница во Скопје.
„Благодарам на вниманието и молитвите, божјиот благослов да е со сите нас“, само кажа владиката Петар .
Тој не одговори детално на нашите прашања и не откри податоци каде заболел и кога ќе биде пуштен на домашно лекување.
Веста дека владиците Петар и Агатангел се лекуваат од коронавирусот во приватни болници, додека голем дел од верниците се лекуваат во јавното здравство, ги вжешти социјалните мрежи.
Владиката Петар, кој во изминатиот период апелираше в црква да се носат маски за да не се шири вирусот, овој пат не ни одговори дали редовно за богослужбите се носат маски. На интернет страницата на Преспанско-пелагониската епархија има вести и фотографии од црковни служби во храмовите пред да се разболи владиката, на кои дел од свештениците и верниците се со маски, а дел без. Петар лани во ноември кажа дека од ковид-19 починале двајца свештеници и над 250 луѓе од неговата епархија.
Наспроти опомени за сериозноста на здравствената состојба, сепак, црквите не престанаа со работа цело време за коронакризата. И причесната продолжи да се одвива со една иста лажичка за сите верници. Она што ќе остане од виното каде се црпело со лажицата за да им се даде причест на верниците, на крај го допива свештеникот. Воедно, при причестувањето сите верници земаат лепче од една иста рака на попот кој е на службата.
На 15 април лани, по повод велигденските празници, Владиката Тимотеј изјави дека свештениците не можат да му забранат некому што ќе посака да се причести, лажичката ќе биде иста за сите без разлика што така може да се шири коронавирусот, а тврдеше и дека иконите ќе се дезинфицираат оти традиција е и тие да се бакнуваат.
„Јас мислам дека лажичката и причеста не придонесуваат за ширење на коронавирус. Оној што се плаши од причеста нека не пристапи. Ништо друго не можеме да менуваме ние, не можеме да менуваме традиции од векови“, рече тогаш владиката Тимотеј.
Минатата недела, по средбата на премиерот Зоран Заев со поглаварите на сите верски заедници, МПЦ, ИВЗ и Католичката црква, Владата соопшти дека тие ја поддржуваат вакцинацијата против ковид-19 и заеднo ги повикаа сите граѓани да се пријават за вакцина, со што ќе дадат придонес во сочувувањето на своето и на јавното здравје.
„На средбата е заеднички оценето дека од почитувањето на мерките ќе зависи и како граѓаните ќе ги поминат претстојните празници Велигден и Рамазан Бајрам, и е заклучено да биде испратен заеднички апел на Владата и МПЦ, ИВЗ и Католичката црква до сите граѓани за почитување на владините мерки за заштита од коронавирусот“, соопшти тогаш Владата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА