ВМРО-ДПМНЕ БАРА ВО СКОПЈЕ ДА СЕ ВРАТАТ ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ СТАВЕНИ ВО ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА ВО СКОПЈЕ ДА СЕ ВРАТАТ ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ СТАВЕНИ ВО ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИСоветничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска побара да се поништи одлуката за промена на имињата на улици, булевари, плоштади и мостови, донесена од ексградоначалникот Петре Шилегов. (Фото: Принтскрин/Фејсбук на Град Скопје)

    Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје бара да се вратат старите имиња на улиците кои беа ставени во времeто на ексградоначалникот Коце Трајановски, кога централната власт беше на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов беа вратени старите имињата на улиците, карактеристични за Скопје, кои од ВМРО-ДПМНЕ беа заменети главно со имиња на личности од античката историја.

    Советничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска побара да се поништи одлуката за промена на имињата на улици, булевари, плоштади и мостови, донесена од минатото раководство.

    „Тоа е одлука која е донесена од претходниот состав, пред изборите е донесена, во несоодветно време и според информациите со кои располагаме истата има низа недоречености и неправилности и фали извесна документација. Затоа бараме да се донесе одлука за поништување на оваа веќе донесена одлука за да се поправат недореченостите и неправилностите“, рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ Андоновска.

    Советничката од СДСМ Љубица Јанчева кажа дека не може старите имиња да се вратат со поништување на постојната одлука туку треба да се донесе нова одлука со нови имиња на улици, која треба да помине и на одобрување во Владата.

    Сепак, претседателот на Совет Трајко Славески ја стави точката на дневен ред а за неа гласаа 24 советници односно покрај советниците од ВМРО-ДПМНЕ за враќање на старите имиња гласаа и советниците од Левица и Алијанса за Албанците.

    Градоначалничката Данела Арсовска на седницата не даде свој став дали смета дека треба да се поништам сегашните имиња и да се вратат старите.

    Листата со нови 570 имиња на улици, мостови и плоштади во Скопје беше усвоена во февруари година, по што беше одобрена од Владата.  Така се вратија старите имиња на Ленинова која во времето на ВМРО-ДПМНЕ стана Аминта Трети, Железничка која беше Јордан Мијалков, а 4 Јули Борис Сарафов. Се вратија имињата и на Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други.

    „Јас сум среќен што традиционални улици во нашиот град кои што се врзани за битието и функционирањето на урбано Скопје ќе ги вратиме. Тие сè уште разговорно меѓу скопјани се викаат на тој начин, а не по новото име кое им беше дадено во време на претходната власт“, рече тогаш Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира