ВМРО-ДПМНЕ ЛАЖЕ И ШИРИ КСЕНОФОБИЈА, РЕЧЕ ЦАРОВСКА КОЈА НЕНАЈАВЕНА ДОЈДЕ ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ СРЕДЕ РАСПРАВАТА  ЗА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ БЕГАЛЦИ

    ВМРО-ДПМНЕ ЛАЖЕ И ШИРИ КСЕНОФОБИЈА, РЕЧЕ ЦАРОВСКА КОЈА НЕНАЈАВЕНА ДОЈДЕ ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ СРЕДЕ РАСПРАВАТА  ЗА РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ БЕГАЛЦИ„ВМРО-ДПМНЕ лаже, шири ксенофобија и лажни вести. Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија, ниту се градат станови во Македонија. Нека кажат со кој документ владата се обврзала да потроши финансиски средства или направила проектни документи за изградба на станови“, рече министерката за труд и социјала Мила Царовска во Битола (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ измислува лажни приказни, како оваа со мигрантите, за да го мобилизира членството  исплашени дека на локалните избори ќе го загубат мнозинството, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која денес ненајавено се појави во битолскиот Совет на Општината. Таа, придружувана од советници од СДСМ, влезе во салата среде жестоката расправа за тоа дали да се распише референдум за населување и интеграција на бегалци и мигранти во Општина Битола. На ова, советниците од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да негодуваат, а претседатeлката Силвана Ангелевска по кусо време даде пауза.

    За време на паузата, Царовска за новинарите изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ лаже, шири ксенофобија и лажни вести. Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија, ниту се градат станови во Македонија. Нека кажат со кој документ владата се обврзала да потроши финансиски средства или направила проектни документи за изградба на станови“.

    Царовска рече дека не е против граѓаните да го користат демократското право за изјаснување на референдум, но тоа не е во ред да биде на 15 октомври за кога се закажани локалните избори.

    „Референдум на истот ден на локалните избори не смее да ни се случува зашто тоа е нарушување на процесот на избор на градоначалник или градоначалничка на Битола“, рече Царовска.

    Претседатeлката на Советот Силвана Ангелевска, која е од ВМРО-ДПМНЕ што беше на власт 11 години, призна дека Македонија има економски проблеми (Фото: СДК.МК)

    Истакна дека референдумот би чинел 100.000 евра, пари кои можат да се искористат покорисно.

    „Јас знам дека Општина Битола, ете само во мојот домен да зборувам, има потреба од дополнување на вработувања во градинките, има потреба од центри за лица со пречки, има потреба од палијативна грижа во домашни услови за стари лица. Советниците треба одговорно да донесувааат одлуки како ќе се трошат парите на граѓаните“, додаде Царовска.

    Силвана Ангелевска, претседателка на Советот, речеа дека ќе ѝ дозволи на Царовска да се обрати на седницата иако не била најавена претходно. Но, прво им даде право на советниците да дискутираат и поставуваат прашања, па расправата се развлече со часови и Царовска замина без да се обрати.

    Покренувањето на иницијативата за референдуми против бегалците е изборна стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, која ги темпира така што да се поклопат со престојните локални избори на 15 октомври. Наводната граѓанска иницијатива „Будење“, во која се и општински службенци од ВМРО-ДПМНЕ, собира потписи во повеќе општини во земјава, против, како што велат, изградбата на станови за бегалци, кои државата планира да ги прими на своја територија.

    Во транзитните центри во Гевгелија и Табановце живеат 40 мигранти, а 15 бегалци бараат азил во Македонија. Од министерството за труд и социјална политика за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека токму овие податоци покажуваат дека земјава е само транзитна зона на бегалците, па поради тоа нема никаква потреба од градење станови за нив.

    Претседателката Ангелевска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ,  истакна дека нема никаква манипулација со датумот за одржување на референдумот и дека тој произлегува од пропишаните законски одредби. Запрашана дали не е ксенофобично пред бегалците врати да затвора една држава како Македонија, чиј народ прогонет од Егејскиот дел во минатото го прифатија државите низ Европа, Ангелевска истакна дека прашањето со мигрантите е посериозно од било кога.

    „Надвор од умот е ова да се нарекува ксенофобично дури да се врти дека сме против исламот, ние не ни знаеме луѓето од каква вероисповед се. Ние немаме ресурси да ги прифатиме“, рече таа.

    Ангелевска е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, а иако оваа партија беше на власт 11 години, призна дека Македонија има економски проблеми за да прифати мигранти.

    „Фактичката сотојба е таква каква што е, невработеност уште има огромна, социјала, нека каже министерката каква е социјалната карта на Македонија, дали можеме ние плус од нашите социјални случаи да примиме, зборуваме за 150 до 200.000 мигранти“, рече Ангелевска.

    Дискусијата за референдумот и мигрантите траеше со часови. Од локалната опозиција критикуваа дека Битола има посериозни проблеми, а не се излегло на референдум за нив. Од локалната власт пак сакајќи да докажат дека нема услови за прифаќање бегалци и мигранти критикуваа дека не ни чинело здравството, со кое раководеа со години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира