ВМРО-ДПМНЕ НЀ ПРИСЛУШУВА ПРЕКУ УПАД ВО СЛУЖБЕНИТЕ ЛАПТОПИ, ВЕЛАТ ЧЛЕНОВИТЕ ОД СДСМ ВО СОВЕТОТ ОПШТИНА БИТОЛА

    ВМРО-ДПМНЕ НЀ ПРИСЛУШУВА ПРЕКУ УПАД  ВО СЛУЖБЕНИТЕ ЛАПТОПИ, ВЕЛАТ ЧЛЕНОВИТЕ ОД СДСМ ВО СОВЕТОТ ОПШТИНА БИТОЛАНа неколкумина советници на лаптопите што ги имаат добиено од Општината, деновиве на позадината им се појавила фотографија од висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ од Советот, а уредите не се мрежно поврзани.(Фото: СДК.МК)

    Советници од СДСМ и Левица од Битола се сомневаат во упад во службените компјутери од страна на ВМРО – ДПМНЕ која го има мнозинство во општинскиот Совет. На неколкумина советници на лаптопите што ги имаат добиено од Општината, деновиве на позадината им се појавила фотографија од висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ од Советот, а уредите не се мрежно поврзани. Советничка при обид да се логира на Фејсбук, добила профил на лице блиско до партиски функционер во Советот.

    „Советничката група на СДСМ и коалицијата поднесе пријава во Основното јавно обвинителство и во Министерството за внатрешни работи против непознати лица поради постоење индиции за основано сомнение за извршен упад во службени компјутери кои советниците ги добија од општината. Очекуваме за многу брзо да се откријат сите детали од оваа афера која потврдува дека оваа партија кога и да е на власт ги користи методите на работа од времето на Никола Груевски. Шпионирање, прислушување, шиканирање на политичкиот противник“, рече Методија Илиевски, координатор на советниците од СДСМ.

    Од Левица соопштија дека се сомневаат на аматерски упад и читање на адреси и фајлови во службени уреди.

    „Прашањето е како е можно после полноќ да се појави слика на позадина од висок партиски функционер на повеќе службени компјутери кои не се мрежно поврзани. Некој нешто работел, ама погрешил. Оние кои ја постапувале стапицата, самите паднале во неа како неискусни администратори и аматерски нарачатели“, реагираат од Левица.

    По реакциите на советниците, од Општина Битола соопштија дека се запознати со настанатиот проблем, но сметаат дека нема никаков случај на злоупотреба. Велат фотографија од други советници се појавила и на компјутерот на претседателката на Совет, при што истата веднаш реагирала и проблемот бил надминат.

    „За ваквата ситуација на која укажаа претседателката и дел од советниците, известена е компанијата од која се набавени компјутерите по пат на јавна набавка.

    Како што велат од Општината од компанијата од која беа набавени компјутерите неофицијално им објасниле  дека забуната најверојатно настанала бидејќи при инсталација на системите, компанијата користела едно корисничко име, очекувајќи дека секој нов корисник ќе креира свое ново корисничко име при што настанало преклопување на податоците за најава“, соопштија од Општината.

    Официјалниот писмен одговор од компанијата, Општината очекува да биде доставен до крајот на оваа недела.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира