ВО БИТОЛА УТРОВО -22 СТЕПЕНИ ЦЕЛЗИУСОВИ, НЕМА ПОГОЛЕМИ ШТЕТИ

    ВО БИТОЛА УТРОВО -22 СТЕПЕНИ ЦЕЛЗИУСОВИ, НЕМА ПОГОЛЕМИ ШТЕТИБитола утрово беше најстуден град во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Со измерени минус 22 степени Целзиусови, Битола утрово беше најстуден град во земјава. Постудено беше дури и од планинските места како Берово, Маврово, Попова Шапка и Крушево. Поради студената зима, има зголемување во потрошувачката на водата од градскиот водовод, зашто граѓаните стравуваат од пукање на водоводните цевки, па во текот на ноќта, ги оставија чешмите да течат.

    Сепак, од ЈП „Водовод“ велат дека зголемувањето е од 30 до 50 литри во секунда што сепак е во границите на нормалата, а досега пријавени се само неколку проблеми од студеното време предизвикани кај водомерите.
    Поради ниските температрури намалена е и фреквенцијата на движење во Градскиот пазар. Отворени се само 20 проценти од тезгите, бидејќи на вакви временски услови овошјето и зеленчукот замрзнуваат, па продавачите потоа ќе треба да ги фрлат.

    Земјоделците во Пелагонија одамна не паметат ваква зима. Од Советодавниот центар за земјоделство и рурален развој во Битола велат дека ниските температури нема да им наштетат на есенските посеви и нема опасност од измрзнување. Дебелата снежна покривка е како заштитник и е добредојдена во овој момент.

    „По топењето на снегот треба да се пристапи кон прихрана на житните култури со цел полесно да го пребродат стресниот период со ниски температури и да продолжат правилно да се развиваат. Кај овошните култури во некои микрорегиони, каде под влијание на високите температури што не беа својствени за периодот и порано започна процесот на движење на соковите во растенијата, можни се измрзувања, а некаде нема да има. Со затоплувањето на времето се препорачува кај оние овошки каде вегетацијата почнала и има мал процент на измрзнување да се примени фолијарна прихрана на природна база со алги и аминокиселини“, вели Стевче Манивиловски, агроном во Советодавниот центар за земјоделство и рурален развој во Битола.

    Од Центарот посочуваат дека најголемиот број објекти за чување добиток во Пелагониско се стари и неадекватни. Затоа животните во овој период треба да се заштитат од снег и директен ладен ветер, односно да се воспостави микроклима во објектот за добиток.

    Според книгата „Записи за злосреќи“ на битолскиот хроничар проф. Александар Стеријовски, најстудената зима со најдолг број на денови со минусни температури била во 1967. Температурата најниско паднала во 1979 , со -28 степени и во 2005  со -30, а снег најмногу наврнал во 1983, 84 сантиметри.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира