ВО ИЗОЛАЦИЈА СЕ НАД 100 УЧЕНИЦИ ОД ПРВО И ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ШТИПСКО ШКОЛО ПОРАДИ КОВИД-19 КАЈ НЕКОЛКУ НАСТАВНИЦИ

    ВО ИЗОЛАЦИЈА СЕ НАД 100 УЧЕНИЦИ ОД ПРВО И ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ШТИПСКО ШКОЛО ПОРАДИ КОВИД-19 КАЈ НЕКОЛКУ НАСТАВНИЦИВо основното училиште „Ванчо Прќе“ во Штип од вчера и денеска ученици од неколку паралелки во прво и трето одделение немаат настава со физичко присуство и се пратени во изолација оти неколку наставници имаат ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Поради здравствени проблеми кај неколку наставници во ОУ „Ванчо Прќе“ во Штип, ученици од шест паралелки од прво и трето одделение со повеќе од 100 ученици кои имаа настава со физичко присуство од денеска се во изолација и немаат настава. Во изолација се и предметни наставници од повисоките одделенија кои досега имаа онлајн настава.

    „Ги спроведовме сите протоколи за настава во услови на пандемија. Формиравме три приоди во училиштето за влез и излез од школо, за прво еден влез, за второ друг, за трето одделение трет влез и излез. Вршиме редовно мерење на температурата со задолжително носење маски. Не сме доктори и не можам да кажам како дошла заразата кај наставниците, што значи дека може да биде и од дома“, вели директорот на училиштето Методи Папаров.

    Тој додава некои наставници имаат закажано тестирање за ковид-19 во наредните неколку дена, но и тоа дека засега немаат ученици со коронавирус, но има мал број ученици со сезонски настинки и дека од превентивни причини самите родители се одлучиле за изолација и опсервација.

    Вчера и денеска, родителите на посочените одделенија од самите наставници добиле известувања дека поради здравствени проблеми ја прекинуваат наставата со физичко присуство. На настава се само некои паралелки од второ одделение, во кои засега нема вакви здравствени проблеми.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира