Повеќето пожари кои од завчера ја зафатија шумата во селото Кокино, Општина Старо Нагоричане, ноќеска се ставени под контрола. Активен е само еден пожар кој се наоѓа на непристепен терен во Кокински дол.
„Во моментот има еден активен пожар во дол помеѓу селата Кокино и Арбанашко. Бидејќи се работи за непристапен терен, не може да се отиде со возила, туку само со луѓе. Отежнителна околност е што дува силен ветер и го носи часот и огнот на сите страни. Се работи за голем пожар и ако се спуштиме долу постои опасност да се угушиме. За овој пожар не е потребна воздушна поддршка“, изјави командирот на Противпожарната единица на Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.
Надлежните се плашат силниот ветар да не го разгори огнот на уште некое жариште, затоа се на терен и будно ја следат ситуацијата помогнати од војската.
Во гаснењето на пожарот во текот на ноќта учествуваа пожарникари од Старо Нагоричане, Куманово, Скопје, Ранковце, Кавадарци, Битола, припадници на Шумското стопанство, Армијата, МВР и единицата ЕБР, Дирекцијата за заштита и спасува и месното население. Екипите и утринава се на терен.
Во пожарот изгореа 600 хектари високо квалитетна борова и дабова шума на потегот Малотино – Степанце – Кокино. Жителите на селото Кокино вечера беа евакуарани од своите домови, а во пожарот изгореа неколку стари куќи.
Во текот на вчерашниот ден во два наврати, во гаснењето на пожарот беа вклучени хеликоптери на Армијата.
Пожарот ја зафати и мегалитската опсерваторија Кокино, но сè уште не се знае дали целосно или делумно е изгорена и какви штети се предизвикани.
Луѓе кои се на терен кажуваат дека сликата по пожарот е страшна и жална, сè е сиво и опушстошено. Педесет годишната борова, дабова и букова шума во најубавиот зелен појас на планината Козјак е пепел сторена и ќе треба 100 години овој предел да се обнови.
С. НИКОЛИЌ