ДИРЕКТОРОТ НА КУМАНОВСКИОТ ЗДРАВСТВЕН ДОМ НЕГИРА ДЕКА НОВОВРАБОТЕНИТЕ 10 МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ СЕ ОД ДУИ

    ДИРЕКТОРОТ НА КУМАНОВСКИОТ ЗДРАВСТВЕН ДОМ НЕГИРА ДЕКА НОВОВРАБОТЕНИТЕ 10 МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ СЕ ОД ДУИДиректорот на Здравствениот дом Фарук Алили тврди дека услов за вработувањето била стручноста, а не партиската припадност. (Фото: СДК.МК)

    Во Здравствениот дом во Куманово, каде што директорот е од ДУИ, минатата недела на неопределено време биле вработени 10 медицински сестри, сите Албанки и ниту една од другите националности во градот, тврди пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски. Тој вели дека нововработените се партиски кадри на ДУИ, кои ќе ги заменат искусни медицински сестри Македонки кои со години работат во институцијата, а сега ќе останат без работа. Директорот на Здравствен дом Фарук Алили, вели дека се неосновани обвинувањата на Петрушевски, бидејќи четирите сестри сè уште одат на работа иако договорите им се завршени на крајот на минатата година.

    „Во Здравствениот дом во Куманово се распишал оглас за вработување на 10 медицински сестри на неопределено време. Директорот од ДУИ, според мои извори, си ги вработил со решени тестови сите десет Албанки од ДУИ“, објави Петрушевски без да образложи за изворот на информациите.

    Тој ги повика надлежните институции да го испитаат овој случај, да се поништи огласот и да се вработат стручни, квалитетни и искусни медицински сестри во Здравствениот дом Куманово.

    Алили тврди дека конкурсот го спровела тричлена комисија, на која претседател е Македонец, а бодувањето и конечната ранг листа го направиле во Министерството за здравство. Според него, услов за вработувањето била стручноста, а не партиската припадност.

    „Имам реакција и од мојата матична партија. И на нив им го дадов истото објаснување дека дејноста е специфична, ни требаат образовани и стручни кадри, па не треба и одамна не се вработува по партиски клуч. Прворангираната има оценка 5.00, јас не ја познавам личноста. Затоа тврдам дека се неосновани обвинувањата“, категоричен е Алили.

    Директорот вели дека побарал 26 вработувања, а добил одобрение за само 10 медицински сестри.

    На одлуката за вработување на партиски медицински сестри реагираат и дел од они кои конкурирале, па на социјалните мрежи го објавија решението и имињата на ново вработените.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира