Владата активно работи да ги помогне локалните власти во борбата за надминување на влијанието на несоодветното управување со отпад врз здравјето на граѓаните и поставување на модерни европски практики за управување со отпадот, се вели во одговорот на Владата до Советот на Општина Битола. Советот бара промена на локацијата за новата регионална депонија која е предвидено да се гради во рудникот во РЕК „Битола“, каде ѓубрето ќе го одлагаат 8 Општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион.
Од Владата соопштија дека новиот центар за управување со отпадот ќе биде на девастирано земјиште во рудникот и со целосно предвидени заштитни мерки кон околината, во согласност со директивите на ЕУ и националното законодавство.
„На територијата на Македонија има преку 51 таканаречени нестандардни депонии или ѓубришта на кои неконтролирано се носи и истура ѓубре. Штетните влијанија од овие ѓубришта врз квалитетот на водата, почвата и воздухот се исклучително штетни за животната средина и здравјето на луѓето. Вакви неконтролирани ѓубришта во моментов се Мегленци во Новаци, Алинци во Прилеп, под ‘Автотурист’ и ‘Коле Налчо’ кај Крушево, Барбарос во Македонски Брод, Алчеви Кошари во Ресен и други. Постојат и 1.000 сметилишта каде неконтролирано се исфрла отпад. Штетните влијанија кои можат да настапат од непостапување и непреземање акција за затворање на овие ѓубришта се огромни“, се вели во одговорот на Владата.
Од таму соопштија дека локацијата за новата регионална депонија била избрана уште во 2017, а во 2022 година потпишан е договорот за заем со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 55 милиони евра за три регионални санитарни депонии. Дополнително се обезбедени и средства од Швајцарската влада и грант од програмата WIBF од 22,5 мииони евра. Капацитетот на депонијата ќе биде 2.800.000 метри кубни и овозможено користење од 25 години.
Во меѓувреме, во Битола подолжуваат протестите на граѓаните кои се против тоа сметот од целиот Пелагониски и Југозападен Регион да се носи во соседната Општина Новаци зашто не веруваат дека ќе се врши соодветна контрола и ќе се зголеми загадувањето.
Ж. ЗДРАВКОВСКА