ВО ОПШТИНИТЕ СТИГААТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ БАРАЊА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ ОТКОЛКУ БАРАЊА ЗА ГРАДБА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦГК

    ВО ОПШТИНИТЕ СТИГААТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ БАРАЊА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИ ОТКОЛКУ БАРАЊА ЗА ГРАДБА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЦГКНаместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Општините стигаат двојно повеќе барања за легализација на дивоградби отколку барања за одобренија за градба, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Истражувањето покажува дека доминантен дел од Општините имаат Генерални урбанистички планови (ГУП) чија формална важност е истечена. За разлика од застарените ГУП-ови, во Општините што беа предмет на ова истражување, за пет години се донесени многу Детални урбанистички планови (ДУП).

    Наспроти законски предвидениот плански период од 10 години, во дел од Општините ГУП-от не е сменет и по повеќе од 20 години. Ненавременото ажурирање и изготвување нови ГУП-ови создава ризик од непланско управување со градежното земјиште и од загрозување на јавниот интерес и квалитетот на животот. Дури три четвртини од измените на ДУП-овите се направени по барање на физички или правни лица, што значи дека е воспоставена пракса, планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти, наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на Општината со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор“, покажува истражувањето кое е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“.

    Секое трето барање за градба во периодот 2018-2022 година е одбиено или повлечено, што говори дека постапките за издавање одобрение за градење во Општините, во определени случаи, може да бидат неправедно одолговлечени или, пак, да не е обезбеден воедначен третман на барателите.

    Барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година. Ова недвосмислено говори за последиците од донесувањето Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата“, покажува истражувањето.

    Бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор. Наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба.

    Пополнетоста на работните места во организациските единици за урбанизам просечно изнесува 62 %, а во половина Општини не е назначен раководител на секторот за урбанизам. Ова значи дека не е воспоставена целосна и ефикасна контрола и воедно се зголемува можноста за поголеми влијанија на градоначалниците, кои ја добиваат можноста на функцијата да овластат блиски лица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира