ВО СКОПСКИ РАСАДНИК ЌЕ ИМА ЗГРАДИ, НО НЕМА ДА БИДЕ СПАЛНА СОБА ТУКУ ЌЕ СЕ ОВОЗМОЖИ ХУМАН ЖИВОТ, КАЖА ЖИРИ-КОМИСИЈАТА ЗА РЕШЕНИЈАТА ОД КОНКУРСОТ

    ВО СКОПСКИ РАСАДНИК ЌЕ ИМА ЗГРАДИ, НО НЕМА ДА БИДЕ СПАЛНА СОБА ТУКУ ЌЕ СЕ ОВОЗМОЖИ ХУМАН ЖИВОТ, КАЖА ЖИРИ-КОМИСИЈАТА ЗА РЕШЕНИЈАТА ОД КОНКУРСОТСите пет пристигнати решенија на меѓународниот конкурс ќе се земат предвид при носење на новиот Детален урбанистички план (ДУП), бидејќи ги препознале насоките за хуман живот во овој дел. (Фото: СДК.МК)

    За 80 отсто е намалена станбената површина со конкурсните решенија кои стигнаа на меѓународниот конкурс за уредување на неизградениот просторо кај Расадник кој го распиша Општина Кисела. Како што кажаа претседателот на жири -комисијата и декан на Архитектонскиот факултет Огнен Марина и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, сите пет пристигнати решенија ќе се земат предвид при носење на новиот Детален урбанистички план (ДУП), бидејќи ги препознале насоките за хуман живот во овој дел. Особено се издвојуваат двете првонаградени решенија и тоа едното на архитекти од Грција, а другото на архитекти од Хрватска. Третонаграденото решение е од Литванија, а решението на студентите од нашиот Меѓународен балкански универзитет е откупено од Општината.

    Расадник е последното големо зеленило во Скопје, на само 2 километри од центарот на градот.

    „Со конкурсните решенија, наместо еден милион метри квадратни станбена површина сега ќе имаме 192.400 метри квадратни. За десет пат се зголемува зеленилото, односно наместо 10.000 метри квадратни како што се предвидуваше со ДУП-от од претходното раководство, сега ќе имаме 100.000 метри квадратни зелена површина или еден нов огромен парк во градот“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

    Особено се издвојуваат двете првонаградени решенија и тоа едното на архитекти од Грција, а другото на архитекти од Хрватска. Третонаграденото решение е од Литванија, а решението на студентите од нашиот Меѓународен балкански универзитет е откупено од Општината. (Фото: СДК.МК)

    Деканот Марина кажа дека со трудовите по кои ќе се прави ДУП-от во Расадник се предвидва хуман живот и сите потребни јавни објекти.

    „Не се работи за тоа колку згради сега ќе има, туку за квалитетот на живот. Двете првонаградени решенија го штитат јавниот интерес и овозможуваат хумано планирање на просторот. Ако претходно имавме огромен број станбена површина што Расадник ќе го претвореа во една спална соба нез никакви содржини, сега имаме решение кое ги предвидува сите ситуации, градинка, школо, паркови, улици и слично“, рече Марина.

    Решенијата од конкурсот се изложени во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.

    Општина Кисела Вода кон почетокот на наредната година ќе го почне процесот за изработка и донесување на новиот ДУП, по што точно ќе се знае како ќе биде уреден просторот и што ќе се гради.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира