ВО ТЕТОВО ГОДИНАВА СЕ РЕГИСТРИРАНИ 41 КАСНУВАЊЕ ОД КУЧИЊА СКИТНИЦИ, ОПШТИНАТА НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА ЗАЛОВУВАЊЕ

    ВО ТЕТОВО ГОДИНАВА СЕ РЕГИСТРИРАНИ 41 КАСНУВАЊЕ ОД КУЧИЊА СКИТНИЦИ, ОПШТИНАТА НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА ЗАЛОВУВАЊЕНиз тетовските улици се движат над 400 кучиња скитници од кои голем дел се без маркици на ушите. (Фото: СДК.МК)

    Последниотслучај во Тетово, кога жена беше нападната од кучиња скитници и бегајќи од нив ја скршила раката и ја повредила ногата, повторно го отвара проблемот со бездомните кучиња. Ги има на речиси секоја улица, често пати се агресивни кон минувачите, а посебно во рано наутро и навечер. Според податоците од Центарот за јавно здравје, минатата година во оваа установа биле регистрирани 65 каснувања од кучиња скитници, а годинава, досега, 41 каснување, додека во СВР Тетово има пријавено 54 каснувања.

    Според ветеринарот Рами Селмани, ваквата зголемена агресивност на кучињата скитници се должи на тоа што кај многу од нив може да се забележи дека немаат поставено маркици на ушите, што значи дека не биле ветеринарски третирани односно кастрирани.

    „Ваквата ситуација со кучињата скитници е присутна и во целата држава, но во Тетово забележувам дека има многу кучиња кои немаат маркици на ушите. Тоа значи дека тие не биле на ветеринарски третман за кучиња скитници, а со тоа не се ни кастрирани па затоа тие се агресивни. Затоа ги замолувам луѓето да внимаваат ако наидат на кучиња кои немаат вакви маркици, да бидат крајно внимателни, посебно сега во зимскиот период кога таа нивна агресивност уште повеќе се засилува бидејќи немаат доволно храна. Затоа, Општината треба да најде некој начин да ги среди овие работи“, вели ветеринарот Селмани.

    Според него, низ тетовските улици се движат над 400 кучиња скитници од кои голем дел се без маркици на ушите. Неодамна, градоначалникот на Општина Тетово Била Касами обвини дека со возила се носат кучиња скитници од други градови и се пуштаат по тетовските улици, но не даде и валиден доказ за вакво нешто. Општината ангажира и фирма од Скопје за заловување на кучињата, но според добиените средства од општинскиот буџет, ќе можат да се заловат и ветеринарски да се третираат само 84 кучиња, додека за преостанатите уште нема решение.

    „Јас и порано сум изјавил дека ако сакаме да ја средиме состојбата со кучињата скитници државата треба на секоја општина да ѝ нареди да направи прифатилиште и да поднесува редовен извештај што е сработено во текот на годината. Вака, некоја општина работи на овој проблем, а десет не работат, или ќе направат некој мал проект колку да им ги затворат очите на граѓаните дека нешто работат, како што е направено во Тетово, и тогаш ова претставува голем проблем“, вели Селмани.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира