Ако во првите 20 денови од ноември минатата година Тетово броеше 1632 заболени и 53 починати лица од ковид-19, една година подоцна состојбата е драстично променета. Заклучно со денес ниту еден заболен не се наоѓа на болничко лекување, а нема ниту починати. Ваквата е состојбата и во изминативе неколку денови. Сепак, и покрај ова, докторите предупредуваат, дека нема ниту најмал простор за опуштање бидејќи вака поволната состојба многу брзо може да се промени ако престанат да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19.
„Состојбата со ковид-19 во Тетово е стабилна. Во овој момент немаме хоспитализирани пациенти. Бројот на амбулантски прегледи се движи помеѓу 30 и 40, но за среќа немаме нови приеми на болничко лекување. Сепак апелираме до граѓаните да продолжат со почитување на ковид-мерките и да се вакцинираат. Само со колективна имунизација ќе може да го спречиме понатамошното ширење на вирусот и да дојде до заразување со новиот делта плус сој на ковид, кој за среќа уште не е активен во нашата земја“, изјави д-р Миранда Пајазити од Ковид центарот во Тетово.
До неодамна Тетово важеше за Регион во кој имаше најмалку вакцинирани лица, но состојбата и овде е подобрена.
„Бројките на лицата што дневно се вакцинираат е намален во споредба со порано. Така дневно имаме до 300 лица кои примаат прва, втора или трета доза од вакцината. Ова се должи на тоа што дури над 54 проценти од лицата на подрачјето на Општина Тетово примиле една или две дози вакцина“, изјави Борислав Јоргаќиевски, директор на Здравствениот дом во Тетово.
Од Центарот за јавно здравје на Тетово исто така велат дека состојбата, во споредба со онаа од истиов период во минатата година, е многу подобрена.
„Дневно правиме триесет до четириесет тестирања за присуство на ковид-19, а како позитивни случаеви се регистрираат од 7 до 10 случаи. Ова се многу помали бројки од истиот период минатата година. Освен ова, сега кај нас владее многу голем интерес за вакцинирање со сезонската вакцина против сезонскиот грип. Со оваа вакцина на 4 пунктови дневно вакцинираме и до 250 лица,“ вели д-р Зорица Зафировска од Центарот за јавно здравје.
З. АНДОНОВ