ВО ТЕТОВО НЕМА, НИТУ ИМА ПОТРЕБА ОД РЕСТРИКЦИИ НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ, ВЕЛАТ ОД ТЕТОВСКИ ВОДОВОД

    ВО ТЕТОВО НЕМА, НИТУ ИМА ПОТРЕБА ОД РЕСТРИКЦИИ НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ, ВЕЛАТ ОД ТЕТОВСКИ ВОДОВОДДотокот на вода за пиење изнесува од 280 до 300 литри во секунда и таа количина за овој период од годината е доволна, велат од тетовски Водовод (Фото: СДК.МК)

    Tетовци повторно се жалат дека немаат доволно вода за пиење. Недостатокот најмногу се чувствува во повисоките делови на градот и во повеќекатниците. Од РЕ „Водовод и канализација“ при ЈКП „Тетово“ велат дека во градот нема рестрикции и дека засега има доволен доток на вода за пиење во градските резервоари.

    „Во овој момент дотокот на вода за пиење изнесува од 280 до 300 литри во секунда и таа количина за овој период од годината е сосема доволна. Јавувањата на граѓаните најверојатно се однесуваат на периодот од пред неколку денови кога нашиот регион го зафати големо снежно невреме. Тогаш еден дел од водоводната мрежа од каптажата на зафатот на реката Пена беше блокиран од снежни наноси и тоа предизвика еден период во градот да има значително намалување на дотокот на вода за пиење. Нашите екипи веднаш се упатија на терен за да утврдат каде се случил прекинот, но поради големото невреме, непристапниот терен и големите наноси од снег не успeаја да дојдат до местото каде настанал прекинот. Најверојатно снегот затрупал една од каптажите и го спречил протокот на водата. Поради таквата состојба бевме подготвени да воведеме и рестрикции во градот, но, за среќа, со затоплување на времето затрупаната каптажа беше пробиена“, вели Љуљзим Шаќири, раководител на Водотехничката лабораторија при ЈКП „Тетово“.

    За немањето вода во одделни реони од градот, Шаќири вели дека тоа е најчесто поради дефекти на водоводната мрежа, која во поголемиот дел од градот е дотраена, па пукањето на водоводни цевки е секојдневна појава. Малите количини дожд и снег од изминатиов период не биле причина да има
    рестрикции на вода.

    „Вакви сушни периоди со малку дожд и снег имало и во минатото, меѓутоа вода за пиење имало доволно и сме успевале да ги задоволиме потребите на граѓаните, посебно сега откако во употреба е ставен новиот цевковод со кој се зафаќа водата од Пена кај месноста Лешница. Сепак, би ги замолил граѓаните да бидат совесни и рационално да ја користат водата за пиење“, надополнува Шаќири.

    Според наодите на Центарот за јавно здравје од Тетово, водата во градскиот водовод е исправна за пиење.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира