ВО ВЕЛЕС ПОЧНА МАСОВНА КОВИД ВАКЦИНАЦИЈА, ЗА РЕВАКЦИНА ТРЕБА ДА СЕ ОДИ ВО ГРАДОВИТЕ КАДЕ Е ПРИМЕНА ПРВАТА ДОЗА

    ВО ВЕЛЕС ПОЧНА МАСОВНА КОВИД ВАКЦИНАЦИЈА, ЗА РЕВАКЦИНА ТРЕБА ДА СЕ ОДИ ВО ГРАДОВИТЕ КАДЕ Е ПРИМЕНА ПРВАТА ДОЗАПо 400 лица на ден ќе се вакцинираат во спортската сала на средното училиште Коле Неделковски. (Фото: СДК.МК)

    Во спортската сала на средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес  од денес се врши масовна вакцинација на населението за заштита од ковид-19. Пунктот беше отворен во 10 часот и предвидено е да се вакцинираат 400 граѓани до 16 часот, на возраст над 60 години. Добиени се илјада вакцини на „АстраЗенека“, а за утре е најавено дека ќе добијат и на „Синофарм“. Во процесот на вакцинацијата се вклучени шест доктори и осум медицински сестри од Здравствениот дом.

    „Од денес, сите жители на Велс и околните општини ќе добиваат термин за вакцинација во овој пункт, не во други градови. Тука се врши прва вакцинација, додека ревакцинацијата е во пунктот каде лицата ја примиле – Кавадарци, Штип, Скопје. Засега вакцинацијата оди според очекувањата, не се регистрирани било какви проблеми“, кажа д-р Николче Димовски, директор на Здравствен дом Велес.

    Во овој пункт се вакцинираат жители на општините Велес, Градско, Лозово и Чашка. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски побара од Министерството за здравство да се овозможи ревакцинацијата на велешани да се врши во овој вакцинален пункт.

    „Тоа  се повозрасни лица, кои мора да платат дополнителни трошоци за патување. Ние сме тука да им заштедиме време, пари и нерви. Затоа, апелирам до надлежните од Министерството за здравство во Велес да се вакцинираат сите граѓани, вклучувајќи ги и тие што се вакцинирале во друг град. Пунктот е опремен со 15 кабини и очекувам поголема количина вакцини за да може повеќе од илјада лица да се вакцинираат, а не како сега по 400 лица“ , рече градоначалникот Коцевски.

    Во работата на пунктот се вклучени вработени од локалната власт како и волонтери од Општинскиот Црвен крст Велес, припадници на АРМ и од СВР Велес. Од утре продолжува ревакцинацијата на лица од Велес, кои веќе примиле вакцина, која ќе се одвива во просториите на Здравствен дом Велес, со по 90 термини на ден.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира