ВО ВЕЛЕС ЗА ТРИ ЧАСА СЕ ПОТРОШИЈА ВАКЦИНИТЕ ЗА ГРИП ОД 650 ДЕНАРИ, БЕСПЛАТНИ УШТЕ ИМА

    ВО ВЕЛЕС ЗА ТРИ ЧАСА СЕ ПОТРОШИЈА ВАКЦИНИТЕ ЗА ГРИП ОД 650 ДЕНАРИ, БЕСПЛАТНИ УШТЕ ИМАБесплатните вакцини за грип во Повардарието не се потрошени, а и оние на кои им следува бесплатна вакцина, поради административната процедура одлучуваат да ја платат (Фото:СДК.МК)

    Сите илјада вакцини против грип, кои се наплаќаат и една чини 650 денари, предвидени за населениео во Повардарјето, се потрошија за три часа. Граѓани вчера уште од пет часот утрото чекале пред вратата на Центарот за јавно здравје во Велес (ЦЈЗ) за да бидат вакцинирани и заштитени од грип.

    За разлика од тоа бесплатни вакцини има и за нив има далеку помал интерес, информираа од Центарот за јавно здравје Велес.

    Бесплатната вакцинација која е новост годинава, се дава на лица над 65-годишна возраст и кои се со помала пензија од просечната или се без пензија.

    Сите илјада вакцини против грип кои се наплаѓаат во Велес, Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Свети Николе, се потрошија за неколку часа.

    „Толку беа набавени согласно ланскиот интерес и бројот на заболени лица од грип во минатата година. Бесплатни вакцини има и за нив има помал интерес“, вели  Тони Димитриев директор на ЦЈЗ Велес, кој го покрива Повардарјето.

    Тој вели дека имало случаи кога пациенти не сакале да добијат бесплатна вакцина, иако им следувало, оти имало многу административни обврски, посета на матичниот доктор, запишување во „Мој термин“ па им било поедноставено да платат 650 денари.

    Лани Центарот за јавно здравје за Велес доби 800 вакцини за кои се плаќаше по 400 денари и завршија за осум дена, па се позајмуваа од другите центри во регионот.

    Вакцинацијата се препорачува за лица со хронични болести и со намален имунитет, или лица кои имаа контакт со странки и граѓани, за лицата со кардиоваскуларни и респираторни заболувања.

    Министерот за здравство Венко Филипче при најавата за вакцинација кажа дека разговараат со производителот да обезбедат и дополнителни вакцини, но неизвесно е дали ќе ги набават оти производителот однапред планира колкава количина ќе произведе.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира