ВРАБОТЕНИТЕ ВО „КОЛСКА“ СО ЖИВ ШТИТ ГИ СОПРЕА ВОЗОВИТЕ НА СТАНИЦА ВО ВЕЛЕС, ОТИ ТРИ МЕСЕЦИ НЕМААТ ПЛАТА 

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО „КОЛСКА“ СО ЖИВ ШТИТ ГИ СОПРЕА ВОЗОВИТЕ НА СТАНИЦА ВО ВЕЛЕС, ОТИ ТРИ МЕСЕЦИ НЕМААТ ПЛАТА Возовите од Скопје за Битола и Гевгелија два часа беа сопрени со жив штит. (СДК.МК)

    Вработените во фабриката за шински возила „Колска“ од Велес утрово го блокираа патничкиот железнички сообраќај на станицата во Велес. Возовите од Скопје за Битола и Гевгелија два часа беа сопрени со жив штит,  поради неисплатените три плати за последните месеци.

    „Штрајкуваме поради неисплатената плата од септември наваму, немаме здравствено осигурување. Три месеци летово бевме на 70 отсто. Работа имаме, но ако го фактурираме сработеното и биде платено, парите веднаш ќе бидат одземени од УЈП, бидејќи по нивно барање жиро-сметката е блокирана“, кажа Тони Арсовски, претседател на Синдикалната организација во „Колска“.

    Вработените велат дека работат во лоши услови, без греење и без ХТЗ опрема, а кровот од работилницата прокиснува. Фабриката за шински возила „Колска“ постои 105 години, таа е единствен ваков капацитет во земјава кој може да поправа патнички и товарни вагони. Во 2002, кога последен пат имало нововработени, биле 320, а денес се 87. И тие што доаѓаат на работа се судираат со проблеми оти немаат здравствено осигурување. Нивен колега чека да се оперира, но нема можност да се лекува оти треба на приватно, па на работа доаѓа со помагала.

    „Треба да го оперирам колкот, но немам осигурување. Не можам да одам на лекар, треба на приватно. Затоа не сум бил на доктор“, вели Васил Златанов, кој има 41 година работен стаж.

    „Пред една година доживеав инфаркт. Не можам да ги платам лековите, одложувам да одам на контрола во Скопје. Сè тоа поради неплатено здравство. Морам на приватно, а плата нема“, вели Петре Урумов.

    Директорот на „Колска“ Митко Јанков соопшти дека проблем е долгот од еден милион евра кон УЈП и блокираната сметка. Причина за тоа бил со години неплатениот ДДВ.

    „Досега работевме со многу ниски цени на норма-час, поради што се судруваме со нередовно извршување на обврските кон УЈП. Со поддршка на Владата, како единствен сопственик на фабриката, коригирана е цената на извршената ревизија на вагоните, со што сметаме дека ќе можеме да ги плаќаме тековните обврски кон УЈП и дел од заостанатиот долг“, кажа Јанков.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира