ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПЕТ ДРЖАВНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ПРОТЕСТИРАА ЗА КОЛЕКТИВНИ ДОГОВОРИ И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА 22 ОТСТО

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПЕТ ДРЖАВНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ПРОТЕСТИРАА ЗА КОЛЕКТИВНИ ДОГОВОРИ И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА 22 ОТСТОДенеска Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола го посети техничкиот премиер Талат Џафери, а протестите пред Ректоратот почнаа откако тој замина. (Фото: СДК.МК)

    Вработените од петте јавни универзитети во Битола, Тетово, Штип, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје денес излегоа на мирни протести зашто не им се потпишани колективните договори, со што останаа покуси во платите за 22 проценти за разлика од колегите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде веќе е спроведен ваквиот договор. Над 5.000 професори, асистенти и останати вработени во овие универзитети бараат потпишување на колективниот договор и зголемување на платите за 22 насто.

    „Игнорирани сме и дискриминирани од страна на Владата и Собранието со непотпишувањето на колективниот договор со овие 5 јавни универзитети. Го поздравуваме, спроведувањето на Колективниот договор за УКИМ, а на надлежните им порачуваме дека истовремено спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост, бидејќи останатите пет јавни универзитети го уживаат истиот статус, реализираат иста општествана дејност и одговорност, па неоправдано се изоставени од страна на државата. Мора да се почитува еднаквоста на сите“, рече Саша Дуковски, координатор на Синдикатите на петте универзитети.

    УКИМ има договор потпишан на 29 декември 2022 со примена од 1 јануари 2024. Со овој договор, 3.000 професори, асистенти, административен и технички кадар почнаа да добиваат зголемени плати за 22 отато, а од месец март ќе добиваат дополнителен процент.

    Денеска во протоколарна посета на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола беше и техничкиот премиер Талат Џафери, во чие време како претседател на Собранието беше отпочната постапката за потпишување на колективните договори. Тој посети неколку факултети, се сретна и со ректорот, а протестите пред Ректоратот се случија откако тој замина. Џафери пред новинарите изјави дека дел од Универзитетите не поднеле целосна документација, а и постапката за потпишување на Колективниот договор не е проста математика.

    „Ситуацијата најдобро ја знаат Универзитетите, односно ректорите кои беа на средба во Собранието. Средбите се одвиваа во 2023 година како резултат на претходно потпишаниот колективен договор со УКИМ во 2022 година и ректорите беа по моја иницијатива на средба за да ги упатам во процедурата. Поединечно како што ги праќаа документите до Собранието, во соодветна постапка беа дадени на стручната служба да видат дали се комплетни, дел не беа, па требаше дополнително да ги подготват и така не најде крај на годината“, рече Џафери.

    Од протестот на Тетовскиот универзитет. (Фото: З. Андонов)

    Од протестот на Штипскиот универзитет. (Фото: Т. Јовановски)

    Сега се распишани избори и не може да се потпишуваат колективни договори, па порача престојниот период да се искористи за разговори меѓу Собранието и Универзитетите за утврдување на процедурата.

    Дуковски посочи дека Битолскиот универзитет навреме ја достави целокупната документација.

    Дел од раководството на Универзитетот го придружуваше премиерот низ обиколката на факултетите, а потоа се појавија на протестот. Ректорот Игор Неделковски изјави дека го поддржуваат протетот. Запрашан зошто не го бојкотираа Џафери зашто не се дозавршила постапката додека бил прв човек на Парламенот, одговори: „Ааа никако, посетата беше најавена пред две недели. Владата во овој процес нема улога, универзитетите се основани од Собранието. Имавме одлична средба, му ги укажавме работите, тој прифати дека не смее да има дискриминација“.

    Неделковски пред вработените на протестите изјави дека добил порака од претседателот на Собранието, Јован Митревски дека на денешната координација со пратеничките групи донесле одлука да предложат измени на Законот за високо образование со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовани установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на истата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира