Знакот „Ја сакам Кисела Вода“, што пред 4 месеци го урна градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, пак е вратен на пешачкиот остров меѓу улицата Народни херои и булеварот Борис Трајковски. Градоначалникот на Кисела Вода Орце Георгиевски утрово на својата фејсбук страница објави фотографија на која позира покрај знакот. За САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека знакот не го поставила Општината по негов налог, туку група граѓани.
„На мое изненадување, знакот повторно е поставен од граѓани по чија иницијатива беше ставен и првиот пат. Навистина ми е драго и сум среќен бидејќи знакот на никого не му пречи, не ја нарушува прегледноста, ниту безбедноста и конечно си го има местото кое го заслужува“, вели Георгиевски.
Знакот беше урнат во октомври лани, откако Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски. Тогаш Георгиевски најави дека тој повторно ќе биде вратен на локацијата.
А. АНТЕВСКА