Не поминаа ниту четири месеци откако беше пуштен во употреба јавниот градски превоз во Тетово, а веќе од денес се укинува. Прекинот е од времен карактер додека, како што велат од Општина Тетово, не се среди хаосот кој владеел во ова јавно претпријатие.
„Се известуваат граѓаните и пошироката јавност дека поради хаосот, работење без да се платат придонеси на вработените и поради тоа што фирмата работи нерегистрирана, а вработените наместо во ЈП ‘Тетово транспорт‘ се наведени како вработени во Општината, како и поради многубројни неправилности, привремено ќе биде во прекин јавниот превоз. Ова одлука доаѓа за да не се оштети уште повеќе џебот на граѓанинот со неконтролираните трошоци во ова претпријатие. Ваквата состојба ќе трае сè додека не заврши конечното скенирање на состојбите создадени во ова претпријатие од претходните раководни структури“, се вели во соопштението од Канцеларија за комуникации и односи со јавност на Општина Тетово.
Од таму додаваат дека градоначалникот Билал Касами за нов в.д директор на претпријатието го назначи Рафиз Мејдија.
Најавата дека Тетово ќе добие градски превоз траеше неколку години, од самиот почеток на работата на тогашната градоначалничка на Општина Тетово Теута Арифи. После неколку години чекање и постојани најави, во јануари оваа година, Теута Арифи свечено ги претстави петте автобуси со кои, како што рече, Тетово конечно ќе добие јавен градски превоз. Но, за да проработи градскиот превоз требаше да се чекаат уште цели 8 месеци со образложение дека се доекипира персоналот, се обучуваат возачите на автобусите, се бараат дозволи и слично.
Градските автобуси за прв пат почнаа да превезуваат патници во август оваа година, за во почетокот на декември Тетово повторно да остане без јавен градски превоз.
З. АНДОНОВ