ЗА 10 ДЕНА ЌЕ ПРОРАБОТИ МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО РЕСЕН

    ЗА 10 ДЕНА ЌЕ ПРОРАБОТИ МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО РЕСЕНВо Ресен активни се 218 заразени со ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Во склоп на  Здравствениот дом – Ресен во тек се завршни активности за поставување на модуларната болница која ќе функционира како модуларна тријажна амбуланта, бидејќи таму ќе се вршат прегледи на суспектните и позитивните пациенти од ковид-19, лабараториски испитувања, рентген дијагностика, аплицирање дневна терапија, а во склоп на објектот ќе има и пункт за тестирање. Се очекува за 10 дена таа да биде ставена во функција.

    Во Здравствениот дом функционира и тријажна ковид амбуланта каде секојдневно се прават лабараториски испитувања, анализи за д-димери и рентген на пациенти позитивни на коронавирусот. Неделно се прават преку 80 прегледи. Бројот на инфузии се движи од 10 до 25, а голем е бројот и на рентген снимањата.

    „Со поставување на модуларната болница просторно ќе бидеме целосно опремени. Во нашата установа има и простории кои се со посебен надворешен влез кои се приспособени како соби за изолација, каде се прави дијагностика и лекување на полесните форми на пациенти заболени од ковид-19. Два до три пати доаѓа лекар-пулмолог од Заводот за рехабилитација во Отешево. Ординираната терапија од лекарите во тријажната ковид амбуланта и од Инфективната болница во Битола пациентите ја примаат во овие простории. Дури и оние пациенти кои беа потешки, преку патронажна служба во домашни услови ја примаат терапијата“, вели директорката д-р Сања Андоновска специјалист по физикална терапија и рехабилитација.

    Во Општина Ресен има интерес за вакцинација. Со првите дози на вакцината на „АстраЗенека“ кои ги доби Здравствениот дом се вакцинирале 100 лица од постарото население. Се очекуваат нови дози за да продолжи имунизацијата на граѓаните.

    „Пунктот за вакцинација е одвоен од останатите одели, а имаме и мобилни екипи кои вакцинираат во домашни услови кога станува збор за постари и неподвижни пациенти. Интересот е голем, веќе се направени списоците за вакцините кои треба да дојдат оваа недела според најавите од Министерството за здравство“, вели Андоновска.

    Во Ресен активни се 218 заразени со ковид-19.

    Во Здравствениот дом има 90 вработени од кои 80 се лекари и медицински сестри. Во склоп на здравствената установа работи Итната медицинска помош, а има и одделенија за Физикална терапија, Очни болести, Неуропсихијатрија, Дерматологија, Ортопедија, Интерна медицина, Детска превентива, и Стоматологија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира