За околу 14 отсто од 1 август ќе поскапи цената на парното греење во Скопје, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Ова е второ зголемување на парното годинава, откако од први јануари поскапувањето беше 14 отсто.
Како што кажа претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, поскапувањето е поради зголемената цена на природниот гас.
„За 90 отсто од скопјани кои се на мрежата на БЕГ поскапувањето е 14,18 осто, за корисниците на железарското парно 15,58 отсто, а на Скопје Север 16,3 отсто“, рече Бислимовски.
Тој кажа дека ТЕ-ТО ќе работи со 70 отсто од капацитети за да се овозможи снабдување со топлинска енергија, а останатите 30 отсто топланите.
„Да не беше ТЕ-ТО зголемувањето ќе беше 100 отсто. Такви се условите, цената на гасот постојано расте, а на мазут сметаме дека Скопје не треба да се грее, тогаш ќе имаме големо загадување и парите граѓаните ќе ги дадат за лечење на Онкологија“, кажа Бислимовски.
А. АНТЕВСКА