Од први јануари до 15 април за брзо возење на улицата Борис Сарафов во населбата Ѓорче Петров, се казнети 237 граѓани, велат од Министерството за внатрешни работи, како одговор на протестите на граѓаните откако во неделата таму беше удрено од кола дестетгодишно момче. Граѓаните на протестот се пожалија дека полицијата ја нема да ги казнува возачите што возат со голема брзина низ населбата.
Од МВР велат дека дека се запознаени со овој проблем и затоа на оваа локација постојано има сообраќајна полиција која врши контроли и ги казнува возачите кои возат со поголема брзина од дозволената.
„Не е точно дека полицијата нигде ја нема. Тоа го покажува статистиката за пишани казни на оваа улица. Во последните четири месеци се изречен 237 казни, тоа е многу повеќе за разлика од други локации во градот или споредено со истиот период лани. На оваа локација потребно е да се да се постават семафори, за што веќе претставници на Општина Ѓорче Петров, Град Скопје и МВР имаа средба минатата недела и решено е тоа да се стори во најкраток можен рок“, велат од МВР.
Жителите на населбата Ѓорче Петров два дена ја блокираа улицата и протестираа откако во неделата беше прегазено 10 годишно дете. Тие велат дека откако улицата била проширена и наместо две доби четири коловозни ленти низ неа се вози многу брзо, децата се небезбедни и со страв ги праќаат на училиште. Основното училиште „Мирче Ацев“ се наоѓа на самата улица, но и покрај тоа не се поставени семафори, туку само сообраќајни знаци кои никој не и почитува.
„Постојано апелираме и бараме да се преземат мерки. Еден семафор не е доволен, потребни се неколку кои ќе ги принудат возачите да ја намалат брзината на движење или да се постават легнати полицајци. Низ улицава се вози и со 160 километри на час, а сообраќајната полиција нигде ја нема. Бараме МВР да ги послуша граѓаните и да си ја извршува работата, да не заштити нас граѓаните“, рекоа граѓаните кои денеска беа на протестот.
А. АНТЕВСКА