308 ЛИЦА ОД ТЕТОВО И ГОСТИВАР ДОБИЈА КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ОТИ БЕГАЛЕ ОД КОВИД ИЗОЛАЦИЈА

    308 ЛИЦА ОД ТЕТОВО И ГОСТИВАР ДОБИЈА КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ОТИ БЕГАЛЕ ОД КОВИД ИЗОЛАЦИЈАВо земјава има 6.395 активни болни од ковид-19. Во Тетово има 119 активни, а во Гостивар 25. (Фото: СДК.МК)

    Триста и осум жители на Тетово и Гостивар, за период од изминативе 9 месеци добија кривични пријави за повеќе прекршоци, како на пример дека не биле најдени во своите домови, а дел од нив и ја напуштиле државава,  иако имале решенија за изолација, соопшти Секторот за внатрешни работи Тетово.

    „Евидентирани и соодветно расчистени се вкупно 197 кривични дела ‘Непостапување според здравствени прописи за времена епидемија’. Од нив 111 се сторени во Тетово, а 86 во Гостивар. Ова кривично дело е казниво по член 206 од Кривичниот законик, а за сторителите е предвидена парична или казна затвор до една година. Покрај тоа, во овој период регистрирани се и 35 кривични дела ‘Пренесување заразна болест’, за кои согласно член 205 од Кривичниот законик предвидена е парична или казна затвор до три години. Сите овие кривични дела биле заокружени со 230 кривични пријави со кои се опфатени 308 сторители (некои се и повеќекратни прекршители), од кои 211 се од Тетово, а 97 од Гостивар“, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Освен ова, за изминативе 9 месеци, полицијата на 13.289 лица, 7.733 од Тетово и 5.556 од Гостивар, им поднела пријава за неносење заштитна маска.

    Медицинските лица од Тетово предупредуваат дека и покрај тоа што во последниов период бројот на заболени е намален, неопходно е и понатаму строго придржување кон заштитните мерки.

    „Сега во овој момент е намален бројот на заболени и хоспитализирани лица во Тетово, па со тоа опаѓа и стравот кај луѓето од заразата. Иако во изминатиов период имаше голем број лица што се вакцинирани и што ја прележале заразата, па не очекуваме да има драстични зголемувања на бројот на заболени, или некој голем бран, сепак мораме и понатаму строго да се држиме и да ги почитуваме заштитните мерки“, вели д-р Гзим Нуредини од Ковид-центарот на тетовската Клиничка болница.

    Во земјава има 6.395 активни болни од ковид-19. Во Тетово има 119 активни, а во Гостивар 25.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира