ЗА АВТОБУС ВО СКОПЈЕ СЕ ЧЕКА И ПО 45 МИНУТИ, АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА НЕ ФАЛАТ ВОЗАЧИ

    ЗА АВТОБУС ВО СКОПЈЕ СЕ ЧЕКА И ПО 45 МИНУТИ, АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА НЕ ФАЛАТ ВОЗАЧИГрадоначалничката Данела Арсовска постојано вели дека нема проблем со јавниот превоз, а во делови од Скопје автобус се чека и по еден саат. (Фото: Фејсбук)

    Пак нема редовен јавен превоз во Скопје,  автобусите на ЈСП „Скопје“ возат без ред и распоред, па на станиците се чека од 30 до 45 минути. Не се точни ниту дисплеите на станиците кои покажуваат за колку време ќе дојде автобус.

    Граѓани кои вчера чекаа автобус со број 5 во населбата Ѓорче Петров насобрани на станиците нервозно коментираа дека 40 минути не поминал автобус.

    „Проблемите со јавниот превоз не се решени, пак нема автобуси. Порано сме чекале автобуси до 15-20 минути, но сега автобуси нема по 40 минути. Не знаеш кога ќе стасаш на работа, ниту кога ќе се вратиш дома. Очигледно е дека има помалку автобуси што возат и настанува хаос“, вели жителка на населбата Ѓорче Петров.

    Повторно со проблем се соочуваат и жителите на Шуто Оризари бидејќи автобусите се ретки.

    „Секој ден доцниме кога одиме на работа оти пак нема автобуси редовно“, вели жителка на Шуто Оризари.

    Жители на населбата Хром велат дека не се знае кога ќе дојде единствениот автобус со број 4 кој сообраќа во оваа населба, а често го нема, па седат на станицата и по еден час.

    Градоначалничката Данела Арсовкса од кога дојде на функција вели дека нема проблем со јавниот превоз. На новинарско прашање дали автобуси нема затоа што голем број возачи си заминале од претпријатието да работат во странство рече дека тоа не е точно.

    „Нема никаков недостаток на возачи во Јавното сообраќајно претпријатие, напротив сега има нови 36 лица што се приклучиле на последниот јавен оглас. Значи, има интерес за лица кои сакаат да работат и да живеат во Македонија, а не надвор од нашата држава, и тој што го пласира тоа за да сее страв и да изврши некаков притисок во јавноста преку медиумите и да влијае на самиот углед на претпријатието, ќе си добие соодветна пријава. Таа нема да биде за клевети туку за кривично дело, затоа што ова веќе ги надминува сите граници на нашето нормално живеење и комуницирање со јавноста“, рече вчера градоначалничката Данела Арсовска.

    Во Скопје немаше автобуси од декември лани до мај годинава, откако престанаа да возат приватните превозници по кавгата со Арсовска. После шест месеци во кои граѓаните се малтретираа да стасаат на работа, на лекар или во училиште, Арсовска потпиша нов договор со приватните превозници, но со други фирми.

    Јавното сообраќајно претпријатие со години е во тешка финансиска состојба, а сега се соочува со проблем да не може да се исплати плата откако на последната седница на Советот на Град не беше изгласано барањето на Арсовска да се доделат субвенции од 1,8 милиони евра. И покрај тоа што на улиците нема редовно автобуси и што нема пари за плата, Арсовска најавува дека вгодина ќе воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓани, што е ветување во изборната кампања, но ниеднаш не објасни како планира да го изведе.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира