ЗА ДА ДОБИЈАТ СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕР КЛИМА УРЕД, БИТОЛЧАНИ ЌЕ МОРА ДА ГИ ПРЕДАДАТ ПЕЧКИТЕ НА ДРВА

    ЗА ДА ДОБИЈАТ СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕР КЛИМА УРЕД, БИТОЛЧАНИ ЌЕ МОРА ДА ГИ ПРЕДАДАТ ПЕЧКИТЕ НА ДРВАРокот за електронско пријавување трае од 18 септември до 2 октомври (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола објави јавен повик за субвенционирање на високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата од градот, за што ќе се распределат 155 милиони денари. Максималниот износ на субвенцијата што може да го искористи еден барател изнесува 55.800 денари нето или 62.000,00 денари бруто со данок на личен доход.

    Рокот за електронско пријавување почнува на 18 септември во осум часот и ќе трае до 2 октомври до 16:00 часот. Едно лице може да поднесе само едно барање за субвенција за еден или повеќе клима уреди во рамките на предвидениот износ.

    Целта е домаќинствата да ги заменат печките на тврди и фосилни горива што ги користат за затоплување на станбениот простор, со што би се намалило загадувањето на воздухот. Пред исплатата на средствата, секој добитник на субвенција ќе треба до Општина Битола да достави изјава заверена на нотар дека без надомест ќе ја предаде печката на тврди или фосилни горива и дека во наредните три години нема да ја демонтира климата и да користи дрва, јаглен, фосилни или какви било други видови нееколошки горива. Во тој период од три години Општина Битола ќе врши контроли во станбениот простор и ако не се почитува договореното, лицето ќе треба да го врати субвенционираниот износ.

    Распределбата на средствата ќе се врши според редоследот на пријавување. Првенство ќе имаат барателите кои живеат во зоните со поголемо загадување на воздухот: централно градско подрачје, Даме Груев, Јени Маале, Боримечка, Североисточна зона, Ушици, Баир, Девеани, Станбена заедница област Маџар Маало, Горно Оризари и Стрелиште.

    Доколку клима уредот е набавен и платен, како доказ треба да се достави фискална сметка или фактура. Ако е започната постапка за набавка и монтажа на клима уред, но не е платено, како доказ за тоа треба да достави профактура.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира