Од денеска, за најтешко болните од ковид-19 се отвора и дел од Одделението за кардиологија на Клиничката болница во Штип. Владата на СР Германија донираше амбулантско возило за поефикасно справување со коронакризата.
„Во време на ваква глобална пандемија, германската влада која претседава со Советот на ЕУ одлучи да го помогне Западен Балкан со 15 милиони евра. Дел од таа помош во износ од 38.000 евра е и ова медицинско возило што го донираме на Клиничката болница во Штип“, рече на примопредавањето на амбулантното возило амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Хопштајн.
Директорот на Клиничката болница во Штип д-р Ален Георгиев рече дека со новото возило од Германија значително ќе се подобрат условите за транспорт на пациентите кои се заразени со ковид-19, со оглед на тоа што Инфективното одделение е од регионален карактер.
„Во функција на најтешките случаи од денеска е и дел од Одделението за кардиологија во Штип. Ова одделение адаптира простории со шест кревети наменети за потешките случаи, со што ќе се подобрат услугите и на Инфективното одделение кое е пребукирано со ковид пациенти“, вели д-р Георгиев.
Во Штип активни се 540 случаи со ковод-19, а од хоспитализираните 60 пациенти 26 се на кислородна поддршка. Починати се над 50 болни. Во изминатите 24 часа, во болнички услови починале 76-годишен маж од Берово, 70-годишна жена од Радовиш и 79-годишен маж од Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ