ЗА СЕКОЕ РЕЦИКЛИРАНО ШИШЕ ЖИТЕЛИТЕ НА ЦЕНТАР ЌЕ ДОБИВААТ ПО 1,5 ДЕНАР

    ЗА СЕКОЕ РЕЦИКЛИРАНО ШИШЕ ЖИТЕЛИТЕ НА ЦЕНТАР ЌЕ ДОБИВААТ ПО 1,5 ДЕНАРДиректорот на „Паркинзи Центар“ Васко Кичевски и градоначалникот Саша Богдановиќ кажаа дека веќе се набавени 9 вакви машини, а до крајот на годинава ќе бидат купени уште 18. (Фото: СДК.МК)

    Машини за рециклирање на пластични и стаклени шишиња преку кои ќе се добиваат пари за паркирање, ќе постави ЈП „Паркинзи Општина Центар“. Веќе се набавени 9 вакви машини, а до крајот на годинава ќе бидат купени уште 18. Нивното поставување ќе почне од почетокот на март и за секое фрлено шише граѓаните ќе добијат по 1,5 денар.

    „Парите жителите на општина Центар ќе ги собираат на нивната картичка „Грин пеј карт“, со која ќе можат да купуваат со попусти во одредени маркети, продавници, локали или да ги плаќаат услугите кои ги нуди претпријатието. За овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година, со што, за секое рециклирано шише обезбедени се 1,5 денари. На овој начин ќе ја подигнеме свеста кај граѓаните за рециклирање“, рече директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ Васко Кичевски.

    Општинското претпријатие за паркирање од оваа недела ќе почне со нова кампања за подигнување на јавната свест под слоганот „Центар не е паркинг“. Директорот Кичевски рече дека со видео пораките сакаат да апелираат до граѓаните да користат алтернативни начини на превоз, со што, ќе придонесат за здрава животна средина и похумани услови за живот.

    „Општина Центар не може да ги прими сите возила, не само на жителите на Скопје туку и на граѓаните од другите градови. Трендовите за зголемување на паркирани возила во центарот на градот се зголемуваат. Не можеме да дозволиме сите да се паркираат во Центар. Затоа решивме да ја зголемиме цената на паркирањето за 20 денари од час. Се надеваме на тој начин ќе ги дестимулираме граѓаните да користат автомобили“, вели Кичевски.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира