ЗАЕВ ПОБАРА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ НА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ

    ЗАЕВ ПОБАРА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ НА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛПремиерот Зоран Заев на карневалската парада се сликаше со групата со наслов „Чекор напред“ во која маскираните играа со сите знамиња на земји на ЕУ плус македонското (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев вечерва на Струмичкиот карневал симболично побара преговори за членство со Европската Унија. На парадата на карневалските маски која се движи низ центарот на градот, после настапот на една група со наслов „Чекор напред“ во која маскираните играа со сите знамиња на земји на ЕУ плус македонското, излегоа Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар и министерот за надворешни работи Никола Димитров да се фотографираат. На прашање на водителкaта што им значела маската, Заев рече „сакаме преговори со ЕУ“.

    Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар и министерот за надворешни работи Никола Димитров се фотографираа со маскираната група „Чекор напред“ (Фото: СДК.МК)

    Заев претходно денеска потврди дека утре во 20 часот во Владата ќе се сретне со лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на негово барање и, без да дава повеќе детали, кажа дека ќе се дебатира за реформските закони, претседателските избори и иднината на СЈО. Мицкоски изјави дека на средбата повторно ќе го отвори прашањето за одржување предвремени парламентарни избори, што владејачката коалиција веќе еднаш го одби.

    На вечерашната карневалска парада низ Струмица ќе поминаат 47 маски во различни категории, со над 2 илјади учесници, а жири одлучува за победниците во повеќе категории кои ќе добијат парични награди. Меѓу гостите се и повеќемина министри и амбасадори.

    Утре, за верскиот празник Прочка, ќе се одржи детскиот карневал, а од понеделник почнуваат тримерските празнувања за кои се врзува струмичкиот карневал.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира