ЗАГАДУВАЧИТЕ ВО СТРУМИЦА ЌЕ СЕ ЛОЦИРААТ СО МОБИЛНИ ДЕТЕКТОРИ И СО ДРОН

    ЗАГАДУВАЧИТЕ ВО СТРУМИЦА ЌЕ СЕ ЛОЦИРААТ СО МОБИЛНИ ДЕТЕКТОРИ И СО ДРОНЌе се набават осум мобилни мерачи детектори и дрон кој во реално време ќе ја мери аерозагаденоста во Струмица. (Фото: СДК.МК)

    Млади струмичани со мобилни мерачи ќе ги детектираат загадувачите во Струмица кои испуштат ПМ10 и ПМ2,5 честички за да се добие појасна слика во кој дел од градот има најголема аерозагаденост, а паралелно овие параметри ќе ги дава и дрон кој ќе се лета над градот во критичните периоди за да ги утврди конкретно кои се можните извори на емисиите на овие канцорегени честички. Ова се дел од резултатите што се очекуваат од пректот „Чист воздух, едуцирај и делувај“, кој е дел од програмската рамка на УНДП финансиран од Шведска за намалување на аерозагаденоста, со кој младите струмичани треба да изработат и интерактивна мапа на загадувачите.

    „Ќе набавиме осум мобилни мерачи детектори и дрон кој во реално време ќе ја мери аерозагаденоста во Струмица, при што ќе има интерактивна мапа преку која секој граѓанин со паметен телефон може да го лоцира загадувањето и преку соодветна апликација ќе може да го пријави случајот или кај нас или кај инспекциите. Сакаме да профунцкионира системот за загадувачот да плаќа и треба да биде санкциониран“, вели Александар Лазаров од еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица.

    Младите струмичани со поддршка на здружението „Геосефера“ од Битола деновиве се едуцираа за конфигурацијата на градот и струењето на ветрот за да ги знаат при изработка на интерактивната мапа на загадувачи. За Мите Ристов, младите треба да бидат двигателот и да притискаат пред надлежните да се реши овој проблем. Според него, општо познато е дека влажните огревни дрва испуштаат ПМ10 честички, поради што ќе мора ЈП Македонски шуми да продава суви огревни дрва.

    „Проблем е големиот процент на влагата во огревното дрво, која според истражувањата дава од 4 до 5 пати повисоки концентрации на ПМ честички во воздухот, и апелираме до јавните шумски претпријатија да дистрибуираат суво огревно дрво. Мора да се изнајдат соодветни мерки од сите страни и кога дискутираме за мерки мора да ги детектираме зоните кои во градот се позагадени, а кои не се и треба да знаеме дека воздухот не можеме да го исчистиме за една година“, рече Ристов.

    Струмица пред Нова година контуинрано беше на врвот на најзагадените градови во земјава. Последните недели, просечните дневни концентрации на ПМ10 честички се под 150 микрограми на кубен метар, иако во ноќните часови и понатаму се регистрираат најголемите вредности на аерозагаденост.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира