ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА ТРИ ДЕНА Е ПЕТ ПАТИ ПОГОЛЕМО ОД ДОЗВОЛЕНОТО

    ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА ТРИ ДЕНА Е ПЕТ ПАТИ ПОГОЛЕМО ОД ДОЗВОЛЕНОТОЦел месец во Битола има многу ниски температури, повеќе се ложи во домаќинствата и институциите, а маглата не дозволува проветрување на воздухот (Фото: СДК.МК)

    Воздухот во Битола во последните три дена е екстремно загаден. Вчера мерната станица  во центарот на градот покажа вредности на ПМ10 честички повеќе од пет пати над дозволените среднодневни количини. Според податоците што денес до медиумите ги испрати и Општина Битола за загаденоста на воздухот, на 16 јануари мерната станица во центарот на градот измерила присуство на суспендирана прашина од 175,915 микрограми на метар кубен, а дозволени се до 50, што значи пречекорување за три и пол пати.

    На 17 јануари, истата мерна станица покажала вредности од  266, 926 микрограми на метар кубен што, е пет и повеќе пати над дозволените гранични вредности. На периферијата на градот загадувањето со ПМ10 честички во изминатите два дена било за два до три пати над дозволеното.

    Бидејќи надминувањата се во континуитет два дена,  Оштина Битола денес апелираше до граѓаните да ги следат препораките од Министерството за животна средина и Институтот за јавно здравје. Се препорача да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат во едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума или било кој друг синтатички материјал. Понатаму, да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцево садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

    И денес мерните станици покажуваат многу високо загадување со ПМ10 и 2,5 честички на воздухот во Битола. Во 11 часот во центарот на Битола беа измерени 282 микрограми на метар кубен суспендирани честички.

    Цел месец во Битола има многу ниски температури. Во неколку наврати го држеше рекордот за најстуден град во Македонија со температура од -20 степени Целзиусови. Во услови на студ, повеќе се ложи во домаќинствата и институциите, а маглата не дозволува проветрување на воздухот.

     Ж. ЗДРАВКОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира