На местото на исечените заболени јапонски цреши на улицата Максим Горки, Град Скопје денеска засади нови 18 дрвја. Дрворедот од едната страна на улицата беше исечен во петокот бидејќи дрвјата беа исушени поради габично заболување.
Градоначалникот Петре Шилегов денеска на садењето на новите дрвца кажа дека заболувањето е констатирано уште пролетта 2017 година. И покрај сите обиди да се спасат, годинава станало јасно дека ќе мора да се исечат.
„Со финансиска помош на ЕБОР набавивме нови јапонски цреши и оваа улица и во наредните 30 години ќе го има дрворедот по кој е препознатлива. Ние не сечеме дрвја за да градиме згради, како што тоа го правеше минатата власт. Дрвја се сечат само ако се болни и исушени. Веќе десетина дена низ целиот град во рамките на есенската акција за зазеленување се садат различни видови дрвца и зимзелени садници. Нов дрворед од јавори ќе има на Плоштадот Македонија во рамките на проектот за уредување на просторот пред ГТЦ“, рече градоначалникот Шилегов.
Дрворед од јапонски цреши според најавите од Град Скопје ќе се насади и на друга локација низ градот во рамките на акцијата за зазеленување на градот.
А. АНТЕВСКА