ЗАТВОРЕТЕ ЈА БОЕМСКА УЛИЦА ЗА ВОЗИЛА, ДЕЦА ОДАТ МЕЃУ КОЛИ ОТИ ТРОТОАРИТЕ СЕ КАФЕАНИ, БАРААТ СКОПЈАНИ

    ЗАТВОРЕТЕ ЈА БОЕМСКА УЛИЦА ЗА ВОЗИЛА, ДЕЦА ОДАТ МЕЃУ КОЛИ ОТИ ТРОТОАРИТЕ СЕ КАФЕАНИ, БАРААТ СКОПЈАНИБидејќи улицата не е затворена за возила, на сите страни не само што се движат коли туку и се паркираат кај ќе стасаат. (Фото: СДК.МК)

    Секое попладне владее хаос на улицата Боемска 2 во Дебар Маало во центарот на Скопје. Бидејќи улицата не е затворена за возила, на сите страни не само што се движат коли туку и се паркираат кај ќе стасаат. Тротоарите од улицата се зафатени со масите и столиците од кафеаните, па пешаците немаат каде да се движат. Мора да одат по улицата, а низ неа возат коли.

    Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК неколку дена по ред беше на Боемска улица и после 17 часот не само што е хаос, туку е и небезбедно движењето на пешаците. Деца со точаци и тротинети се движат на улицата по која се стигнува до Градскиот парк, а од друга страна коли возат покрај нив. Од кафеаните ечи музика, гости влегуваат и излегуваат, а дел од нив со своите коли се паркираат на самата улица. Забележавме и пајак возило, но наместо да крене и казни некоја од паркираните коли, тоа само си помина низ улицата.

    Колите не ги собира ниту пајакот. (Фото: СДК.МК)

    Вработените во околните кафеани ни рекоа дека летно време кога си доаѓаат иселениците на Боемска не може да се помине од коли. Со најнови коли вртат кругови низ Дебар Маало и без проблем ги оставаат на самата улица.

    Затворање на Боемска за коли се најавуваше уште во време на ексградоначалникот Саша Богдановиќ, но тоа не се случи. И актуелниот градоначалник Горан Герасимовски вели дека на улицата ќе се забрани движење на коли, но после две и пол години од неговиот мандат тоа не се случи.  Од Општина Центар сега велат дека работат на проектот за затворање на возила на Боемска 2 и чекаат да ги добијат потребните дозволи за да се спроведе решението.

    „Општина Центар направи сообраќајно решение со цел затворање на Боемска 2. За реализација на оваa цел, потребно е дел од дворот на Градежниот факултет да се отстапи и пренамени во тротоар. Еден дел од улицата завршува слепо и треба да се изведе свртница. Во комуникација и средби сме со Градежниот и Архитектонски факултет за да се помести оградата и да се прошири улицата. Со овој зафат планираме да ја зголемиме  безбедноста на учениците што одат во ‘Коле Неделковски’“, велат од Општина Центар.

    Од Општина Центар велат дека работат на сообраќајно решение за затворање на Боемска за коли. (Фото: СДК.МК)

    Од таму додаваат дека нивните инспекции се постојано на терен и казнуваат за узурпирање на јавна површина.

    „Спроведена е контрола на улиците Наум Наумовски-Борче, Михаил Цоков и Боемска 2, Ленинова, по пријави дека има поставена урбана опрема на јавна површина, со што е спречено движењето на граѓаните. Издадени се повеќе решенија, а казнети се околу 10 локали.Сумата за прекршокот изнесува од 1.000 до 2.000 евра за правното лице и 300 евра за одговорното лице во правното лице“, велат од Општината.

    Изградбата на Боемската улица 2 чинеше 1.1 милион евра и беше направена во 2016 година во мандат на ексградоначалникот Андреј Жерновски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира