Со сослушување на последните тројца сведоци на одбраната, заврши доказната постапка за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово кој се случи на 8 септември 2021. На денешното рочиште беа сослушани двајца сведоци, од кои едниот работел како дел од службата за обезбедување, вториот во делот на одржување на објектот, а беше сослушано и едно медицинско лице кое исто така било ангажирано во ковид болницата.
Исказите на двајцата вработени во обезбедувањето и одржувањето на објектот беа речиси идентични. На прашање на адвокатите на одбраната, тие рекоа дека во објектот виделе оти има противпожарни апарати, при што првиот сведок прецизираше дека ги имало во чекалната, магацинот и во сестринската соба. Исто така, двајцата потврдија дека на влезната врата на објектот имало истакнато знак дека е забранет влез во објектот за лица од надвор.
Во изјавата на медицинското лице, која од почетокот на отворањето работела во модуларната болница, таа кажа дека мисли дека во текот на работењето видела дека во објектот има ПП апарат. На прашање дали ковид болницата имала назначен раководител, таа рече дека немало, туку дека секој кој бил на смена во ковид болницата бил одговорен.
Одбраната изјави дека требало да се повикаат уште неколку сведоци, но дека се откажала од нивно сослушување, па судијата Јордан Велков означи дека главната расправа е завршена, а завршните зборови на обвинението и одбраната ќе бидат дадени на рочиштето закажано за 25 април.
Во овој судски процес обвинети се три физички лица и едно правно лице. Поранешниот директор на Клиничката болница Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми се обвинети за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“, докторот Бобан Вучески е обвинет за кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, а за кривичните дела „Предизвикување општа опасност“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ е обвинета Клиничката болница во Тетово како правно лице.
З. АНДОНОВ