ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО РЕСЕН ЧЕКА ЛЕКАРИ ДА ЗАВРШАТ СО СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА ЗА КОЛЕГИТЕ ДА МОЖЕ ДА СЕ ПЕНЗИОНИРААТ

ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО РЕСЕН ЧЕКА ЛЕКАРИ ДА ЗАВРШАТ СО СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА ЗА КОЛЕГИТЕ ДА МОЖЕ ДА СЕ ПЕНЗИОНИРААТРесен нема болница, па здравствена грижа за околу 17.000 жители, а понекогаш и пациенти од надвор, е обврска на Домот, прилично добро екипиран, но со специјалистички кадар кој старее. Екипа на Брзата помош (Фото: СДК.МК)

Пациенти од Охрид, Демир Хисар и други општини кои во здравствени установи во нивните населени места не можат да закажат побрз термин за мамографија и ехо на дојки, како и за испитување на остеопороза, доаѓаат на прегледи во Здравствениот дом во Ресен. Воедно, ресенчани веќе не патуваат по околните болници за да ја примат дневната инфузиона терапија, туку ја добиваат во нивниот Здравствен дом. Ресен нема болница, па здравствена грижа за околу 17.000 жители, а понекогаш и пациенти од надвор, е обврска на Домот, прилично добро екипиран, но со специјалистички кадар кој старее.

„Кој може за болнички преглед да патува до Битола или Охрид по шеесетина километри одење и враќање? Вака, во Здравствениот дом имаме дневна болница, цела болничка терапија, инфузиона, лекови, се’ за што пациентите порано мораа да одат во Битола, во Охрид или во Отешево во Заводот за респираторни болести, сега го добиваме тука. Замислете болен човек кој прима лендацин да оди и да се враќа секој ден. Важно ни е овде да имаме лекари специјалисти. Дури има доктори, ќе има и население“, вели ресенчанецот Цветан Богоевски.

Службите се опремени со мамограф, ехо за дојка, отворена е дневна болница, има матични лекари и гинеколог, посебна просторија за суспектни пацинети со ковид-19 и други служби. (Фото: СДК.МК)

Здравствениот дом има 90 вработени, од нив 22 се лекари, но само 13 специјалисти, а девет доктори по општа медицина.

„Најголем проблем ни е старосната граница на лекарите специјалисти. Веќе двајца продолжија до дозволената возрасна граница и очекуваме сите ако ги послужи здравјето да продолжат. Имаме на специјализација лекар за клиничка биохемија кој треба да се врати и со тоа нема да ни биде загрозена лабораторијата зашто лекарката оди во пензија. Имаме интернист, невролог, оториноларинолог, ортопед, физијатар, интернисти и други специјалисти. Со министерот за здравство Венко Филипче ги забрзавме специјализациите, а претходно повеќе од десет години не беше дадена ни една специјализација “, вели директорката Сања Андоновска, лекар специјалист по физикална медицина и рехабилитација.

Здравствениот дом има 90 вработени, од нив 22 се лекари, но само 13 специјалисти, а девет доктори по општа медицина.(Фото: СДК.МК)

Таа се надева на поддршка од Министерството за здравство за специјализации со цел во Здравствениот дом да продолжат со работа сите служби. Имаат лабораторија солидно опремена, располага со апарат за телемедицина за дидимер, а испитуваат и утврдуваат крвна група. Службите се опремени со мамограф, ехо за дојка, отворена е дневна болница, има матични лекари и гинеколог, посебна просторија за суспектни пациенти со ковид-19 и други служби.

„Ние сме мало место, немаме толку големо население, но забораваат сите дека сме распослано на голема површина. Со големите медицински центри сме поврзани преку два планински превоја, за Битола одиме преку Ѓавато, за Охрид преку Буково, не е за занемарување да се патува во зимски услови. Затоа се трудиме да пружиме што поквалитетни услуги тука“, вели Андоновска.

Најползувани се услугите на Итната медицинска помош која пружа здравствени услуги дури и во пограничните села во близина со Грција и Албанија, на оддалеченост од 30 километри.

Ресенчани веќе не патуваат по околните болници за да ја примат дневната инфузиона терапија, туку ја добиваат во нивниот Здравствен дом. (Фото: СДК.МК)

„Најоддалечени места од Ресен се селата Стење и Долно Дупени. Самото патување до таму одзема многу време, а некогаш треба пациентот да се транспортира до болниците во Битола, Охрид или Скопје. Тоа е еден час и половина, па и повеќе, за тоа време смената ќе остане без доктор и возило, па проценката бара поголема одговорност. Поради далечината на транспорт ние мора да ги искористиме сите ресурси што ги имаме, да се обидеме да пружиме помош и да ја средиме состојбата, а не само да се носи по други болници“, вели Стојанчо Аврамовски, лекар по општа медицина во Службата за итна медицинска помош.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира