ЗГРАДА НА 5 КАТА ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО ПАРКОТ КАЈ ХОТЕЛ „ЈАДРАН“, ОПШТИНА ЦЕНТАР ВЕЛИ ДЕКА ДОЗВОЛАТА ЈА ДАЛ БОГДАНОВИЌ, ТОЈ НЕГИРА

    ЗГРАДА НА 5 КАТА ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО ПАРКОТ КАЈ ХОТЕЛ „ЈАДРАН“, ОПШТИНА ЦЕНТАР ВЕЛИ ДЕКА ДОЗВОЛАТА ЈА ДАЛ БОГДАНОВИЌ, ТОЈ НЕГИРАЗградата ќе се гради на единствената зелена површина во овој дел од Мал ринг.(Фото: К.Попов)

    Во паркот кај хотел „Јадран“ на само неколку метри од порта Македонија и Плоштадот ќе се гради зграда со приземје, 5 ката и поткровје. Ова е последната зелена површина останата во овој дел од Мал ринг, која сега ќе се бетонизира.

    Општина Центар на 2 ноември неколку дена пред да замине од функција ексградоначалникот Саша Богдановиќ преку информатичкиот систем е-одобрение за градба издава дозвола за градба на фирмата „Сколимекс“. Во решението испратено до жителите на соседните згради стои доколку во рок од 15 дена не се поднесе жалба дозволата за градба станува правосилна.

    Од кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски велат дека дозволата е издадена од неговиот претходник Саша Богдановиќ, а градоначалникот од понеделник на прес-конференција ќе ја извести јавноста за сите почнати постапки за добивање градежни дозволи.

    Ексградоначалникот Саша Богдановиќ вели дека тој не потпишал никаква дозвола односно дека таа се потпишува откако решението ќе стане правосилно, а додека тој бил на функција процесот бил почнат и се одвивал преку електронскиот систем.

    „Градоначалникот става потпис откако решението ќе стане правосилно, а во овој случај додека јас бев на функција дозволата не беше правосилна. По жалби на граѓани или други неправилности кои можат да бидат утврдени Општината може да не издаде дозвола“, вели Богдановиќ.

    Зградата во паркот е предвидена со измените на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ во 2012 кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ и кога на секоја слободна парцела во центарот беа нацртани згради и објекти од „Скопје 2014“.

    Општина Центар во рамките на процесот на мораториум не успеа да го смени овој план, а откако беше поништен од Уставен суд, инвеститорите слободно можат да се бараат дозволи за градба според она што е нацртано во 2012, во времето кога локална и централна власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

    Жителите на улиците Орце Николов, Скопска и Никола Кљусев велат дека имаат неколку дена да соберат потписи и да се жалат за изградбата на зградата која ќе се гради во единствената зелена површина што ја имаат.

    „Ќе дојде ли некогаш крај на ова силеџиство. Дадена е дозвола за градење зграда во зелено паркче, ќе сечете млади дрва и ќе направите карам каша од животите на граѓаните во околните згради. Ни безбедносни правила, ни зеленило и животна средина, ни соседски права, ништо не ве интересира“, велат жителите од околните згради.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира