ЖЕРНОВСКИ ЌЕ ГРАДИ САЛА ШТО ЈА НЕМА ВО УРБАНИСТИЧКИОТ ПЛАН НА ПАРЦЕЛА НА ФИРМА ОД СКОПЈЕ 2014

    ЖЕРНОВСКИ ЌЕ ГРАДИ САЛА ШТО ЈА НЕМА ВО УРБАНИСТИЧКИОТ ПЛАН НА ПАРЦЕЛА НА ФИРМА ОД СКОПЈЕ 2014Градоначалникот Жерновски вели дека во подготовка е измена на планот „Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел“. - Жерновски на 16 август минатата година беше да даде исказ во СЈО како сведок и за Скопје 2014 (Фото: СДК.МК)

    Без да направи измена на Деталниот урбанистички план, градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски најави изградба на спортска сала на местото на предвидената катна гаража до КК „Работнички“ во Парк.

    Во важечкиот план, за парцелите околу стадионот стои катна гаража. Официјална пренамена на објектот нема, ниту пак има проширување на парцелата на соседната спортска сала. Градоначалникот Жерновски вели дека во подготовка е измена на планот „Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел“.

    „Следната недела очекувам планот со измените кои предвидуваат повеќенаменска спортска сала на местото на катната гаража да стигне на јавна расправа. Сметам дека не сме направиле пропуст со тоа што го распишавме конкурсот за салата бидејќи се работи само за идејно решение “, вели Жерновски и додава дека на ист начин постапиле и со училиштето во Капиштец.

    Со бришењето на катната гаража, чиј изглед беше замислен во барок, значително се намалуваат местата за паркирање покрај стадионот. Градоначалникот Жерновски вели дека воделе сметка и за тој момент.

    „Нашата интенција е паркирањето да го пренасочиме од другата страна на Вардар, преку пешачкиот мост. Не сакаме целиот дел околу стадионот да се задуши со коли, што би се случило доколку тука имаме и катна гаража туку настојуваме паркирањето го предвидиме од другата страна на Вардар. Мостот до стадионот останува пешачки, односно ќе настојуваме посетитeлите колите да ги оставаат од другата страна и пеш да доаѓаат до стадионот“, рече Жерновски.

    Граѓанските здруженија на социјалните мрежи го обвинија градоначалникот дека не ги почитува  процедурите за изградба на нови објекти бидејќи најави сала која не постои во урбанистичките планови. Здружението „Во одбрана на Дебар Маало“ ја поздрави идејата да се изгради нова сала за „Работнички“ но јавно му постави неколку прашања поврзани за салата, откако сите обиди да добијат одговори од него и од администрацијата во Центар завршиле без успех.

    „За парцелата во сопственост на БАУЕР БГ (фирма која ги доби тендерите за голем дел од објектите СК 2014) беше предвидена катна гаража од 29 метри висина, а според важечкиот ДУП објавен на страната на Општина Центар Парк. Како и кога е направена пренамена на парцелата? Според објавеното, проширена е локацијата за градба на салата. Кои парцели ќе бидат вклучени во новиот објект? Дали е изготвено сообраќајно решение со кое се утврдува одржливост на објектот во кој е вклучена гаражата? Дополнително, ве молиме да го објавите сообраќајното решение за да сите бидеме уверени дека постоечката сообраќајна инфраструктура може да го издржи предвидениот нов сообраќај. Дали се предвидуваат и други промени на поединечни парцели во овој план и кога ќе бидат јавно објавени?“, го праша „Во одбрана на Дебар Маало“ градоначалникот на неговиот фејсбук профил, каде што самиот ја објави веста за новата спортска сала.

    Според важечкиот план „Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел“, за парцелите околу стадионот стои катна гаража (на сликава со сина боја), а јавноста му забележа на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски дека постапува како поранешниот премиер Никола Груевски, во чие време прво се градеше, а потоа се правеа измени на плановите (Фото: факсимил од урбанистичкиот план „Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел“)

    Од Здружението го потсетуваат градоначалникот дека узурпација на јавниот простор и отуѓување државни парцели неповратно го осиромашува  урбаното живеење на граѓаните, а корист и профит носи само за поединци. Нагласуваат дека ако се работи за јавно-приватно партнерство за градба, како што беше најавено, целосно недостига транспарентност во одлуката.

    Според најавата, Општина Центар ќе гради повеќенаменска спортска сала за 3.000 гледачи на местото предвидено за барокна катна гаража во Градски парк. Таа ќе биде наменета за КК „Работнички“, и ќе биде на истата локација како сегашната сала. Општина Центар вели дека паркирањето ќе се реши со надземниот паркинг кој што ќе овозможува паркирање на минимум три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите.

    Спортската сала треба да биде проектирана како повеќенаменска за во неа да се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис. Треба да има амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. Центар ќе побара од проектантите салата да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните. За гледачите и посетителите најавени се фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека, а во салата се планираат и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, канцеларии за управа, архива и сала за состаноци.

    Сите пристигнати идејни решенија на конкурсот, Општина Центар најави дека јавно ќе ги презентира.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира