ЖИТЕЛИТЕ НА СЛУПЧАНЕ ОСТАВИЈА БЕЗ СТРУЈА ОСУМ СОСЕДНИ СЕЛА И ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ТАБАНОВЦЕ, ЕВН НОЌЕСКА ГИ ОТСТРАНИЛА ДЕФЕКТИТЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА СЛУПЧАНЕ ОСТАВИЈА БЕЗ СТРУЈА ОСУМ СОСЕДНИ СЕЛА И ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ТАБАНОВЦЕ, ЕВН НОЌЕСКА ГИ ОТСТРАНИЛА ДЕФЕКТИТЕЖителите на липковското село Слупчане предизвикале дефект на трафостаницата во нивното село. - Граничниот премин Табановце (архивска фотографија)

    Осум села во липковскиот регион и граничниот премин Табановце, вчера попладне и во текот на ноќта останале без електрична енергија, откако жителите на липковското село Слупчане предизвикале дефект на трафостаницата во нивното село.

    Екипите на Електродистрибуција работеле цела ноќ на санација на дефекти, по што е нормализирано снабдувањето со електрична енергија на селата: Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.

    „Во текот на ноќта беше предизвикан нов дефект, исто така од мештаните на Слупчане, кој ги остави селата Матејче, Виштица и Никуштак. Овој дефект е саниран и снабдувањето е нормализирано и во овие села. Дефектот на граничниот премин ‘Табановце’ беше саниран вчера за кратко време. Селото Слупчане и Оризари се сè уште без напојување“, велат од ЕВН.

    Нивните екипи сè уште не се влезени во селото Слупчане, поради тоа што не се чувствуваат безбедно.

    „Сè додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција, нема да работиме на санација на дефекти или извршуваме редовни работни активности во овие села“, додаваат од ЕВН.

    Жителите на Слупчане го блокираа влезот на селото по што доставија повеќе барања од ЕВН, како, на пример, простување на долговите, нови приклучоци за беспари, потоа сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја, ослободување на џамиите од плаќање, барања за кои од ЕВН велат дека не се законски.

    Ова е вторпат за еден месец да не се дозволи екипи на ЕВН да влезат во селото, да работат на реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа, по што предизвикаа повеќе дефекти.

    Тогаш, гаранција дадоа министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково Еркан Арифи, па селаните ја пуштија ЕВН да работи.

    Процентот на наплата на потрошената електрична енергија во Слупчане е многу мал, а и масовно се краде струја. Годишно, 80 отсто од потрошената струја се краде, а само третина од 20 отсто од фактурираната електрична енергија се наплаќа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира