ЖИТЕЛИТЕ ОД ДИВАТА НАСЕЛБА ПОД КАЛЕ СМЕСТЕНИ ВО ВИЗБЕГОВО, ШИЛЕГОВ НАЈАВИ УРБАНИЗИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ

    ЖИТЕЛИТЕ ОД ДИВАТА НАСЕЛБА ПОД КАЛЕ СМЕСТЕНИ ВО ВИЗБЕГОВО, ШИЛЕГОВ НАЈАВИ УРБАНИЗИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ80 лица, кои имаа направено диви живеалишта и постојано палеа огнови за горење гума и пластика, се сместени во капацитети на Министерството за труд и социјална политика во Визбегово. (Фото: Град Скопје)

    Жителите на дивата населба под скопско Кале се сместени во капацитети на Министерството за труд и социјална политика во Визбегово. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот Петре Шилегов, во рамките на денешната акција за чистење, најавија урбанизација на овој дел за да не може повторно да биде населуван, да се подигнуваат диви населби и секојдневно да се палат огнови и да се гори пластика и гума.

    „Обезбедивме соодветно сместување за 14 семејства или 80 лица во Визбегово, зад Домот за азиланти. Покрај што им обезбедивме топол дом, децата ќе посетуваат дневни центри, училиште. Системот на социјална заштита е ситем на обиди и грешки. Постојано работиме со овие лица. Тие можеби напролет пак ќе се населат тука. Сите знаеме дека доаѓаат тука оти собираат пластика, но ние се трудиме да постигнеме нивна интеграција во општеството, да ги вработиме и да ја добиваат онаа плата која претходно ја заработувале. Навиките кои се стекнувале со децении, не се менуваат за еден ден“, рече Царовска.

    Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека Градот ќе ја испита сопственоста на оваа парцела и доколку станува збор за приватно лице, ќе им наложат да ја урбанизираат.

    „Ова е една од локациите кои беа посочувани како места каде се палат огнови кои придонесуваат за загадувањето на воздухот. Преку урбанизација на просторот ќе спречиме повторно населување на оваа парцела“, рече Шилегов.

    Шилегов додаде дека во буџетот за наредната година се предвидени пари за чистење на големите депонии во населбите Бутел, Ѓорче Петров и Лисиче.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира