Змија каснала двајца велешани вчера додека работеле на лозје вчера околу 9ч во близина на Војнички Мост, кај селото Војница, кои откако им се влошила состојбата се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.
Ѓ. Р. (76) и З. М. (64) налетале на змиско гнездо, а змијата, според нивно кажување поскок, го каснала прво едниот на третиот прст од раката, вториот притрчал да помогне па го каснала и него за четвртиот прст од раката. Со нив имало и други лица кои притрчале, го подврзале местото на каснувања и со сопствени автомобили тргнале во болницата во Велес. Тие веднаш побарале и помош од Итната помош.
„Примен е повик за каснати лица од змија, екипата веднаш се упатила, пресретнати се на пат за Велес, дадена е неопходната помош, по што итно се префрлени в болница“, кажа д-р Василка Пановска, началничка на службата на Итна помош при Здравствениот дом.
Од Општата болница во Велес кажаа дека на двајцата пациенти каснати од змија по 15 часот им се влошила состојбата и се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.
„На 28 јуни во нешто по 10 часот со возило на Итната медицинска помош се донесени двајца пациенти од машки пол каснати од змија. Веднаш се прифатени, дадено е антивиперинум и комплетна терапија, санирана е убодната рана и пациентите се задржани на Инфективното одделение под опсервација и понатамошен третман до 15 часот. По конзилијарни прегледи од интернист и анестезиолог, пациентите во 15 часот се префрлени на Одделот за интерни болести каде се продолжува со укажување медицинска помош и понатамошен третман. Состојбата, меѓутоа, се влошува и пациентите се упатени со амбулантни возила кон Инфективната клиника во Скопје, со придружба од медицински екипи од инфектолог, анестетичари и сестри“, кажа Марина Андова, портпаролка на Општа болница Велес.
Ова се првите каснување од змија отровница во Велешко годинава, а има реакции дека се видени во голем број по јавните површини. Од Велешката болница велат дека имаат доволена количина противотров на две одделенија, Инфективното и Интерното, во случај пациент да бара помош поради каснување од змија.
П. ПЕЧКОВ