СО ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ОД ЕУ НАБАВЕНИ АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА, ЕКГ-АПАРАТИ И ДЕФИБРИЛАТОРИ ЗА БОЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ

СО ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ОД ЕУ НАБАВЕНИ АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА, ЕКГ-АПАРАТИ И ДЕФИБРИЛАТОРИ ЗА БОЛНИЦИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТАмбулантни возила добија службите за итна медицинска помош во Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово. (Фото: СДК.МК)

Вкупно 24 автоматски и полуавтоматски дефибрилатори, 6 ЕКГ-апарати и 4 амбулантни возила за Брза помош се набавени и дистрибуирани во здравствените домови во Југоистокот, во рамките на проектот „Прекугранична област, безбедна за срцето“, што го финансира ЕУ преку ИНТЕРЕГ-програмата за прекугранична соработка со Грција. Вкупната вредност на овој прекуграничен проект изнесува 1.217.000 евра, од кои ЕУ додели 973 илјади евра. На македонска страна се потрошени околу половина милион евра.

Амбулантни возила добија Службите за итна медицинска помош во Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово. Таму беа дистрибуирани и дефибрилатори и ЕКГ-апарати. Освен во овие здравствени установи, медицински уреди за реанимација при ненадеен срцев застој или опасни аритмии ќе има и во општините Василево, Босилово, Богданци и Конче, како и на граничните премини Богородица и Дојран на македонско-грчката граница и Ново Село кон Бугарија.

„Проектот има за цел подобрување на итната медицинска помош и зајакнување на здравствените капацитети во прекуграничниот регион. Истиот треба да придонесе за создавање побезбедна и поотпорна прекугранична заедница со подобрени капацитети за навремено и ефикасно справување со срцеви и други итни медицински состојби. Кога зборуваме за итна медицинска помош, секоја секунда е важна и навремената реакција може да спаси човечки живот. Со оваа опрема се подобруваат капацитетите и се овозможува побрз пристап при итни медицински случаи во Југоистокот“, вели директорот на Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, Јован Коцев.

Дел од опремата доби и Здравствениот дом Струмица, кој покрива четири општини со околу 70 населени места и 100 илјади жители. За службата за итна медицинска помош во Струмица и дисперзираното одделение во Ново Село беа доделени едно амбулантно возило со потребната медицинска опрема, 4 автоматски дефибрилатори AED, кои може да ги користат и немедицински лица, два полуавтоматски дефибрилатори и два ЕКГ-апарати.

За директорот Кирил Манчев, освен опремата, со овој проект важна била и обуката што се спроведе во изминатиот период за укажување прва помош во критични ситуации.

„Наши здравствени работници беа на обука овде и во болницата ‘Ахепа‘ во Солун, каде што стекнаа дополнителни знаења и вештини за препознавање и соодветно постапување при итни и животозагрозувачки состојби, со примена на техники за реанимација. Значи, освен опрема, добивме и обучен кадар, сè со цел да пружиме поквалитетна здравствена заштита. Посебен акцент е ставен на тоа што ќе има и дефибрилатори на пофреквентни позиции, што му недостасуваше на регионот“, вели Манчев.

Освен здравствени работници од Југоистокот, со обуките во проектот беа опфатени и граѓани и вработени во јавни институции. Тие имаа обука за стекнување основни знаења и практични вештини за препознавање и укажување прва помош при животозагрозувачки ситуации. Дел од нив стекнаа и вештини за препознавање и навремено запирање на масивно крвавење преку примена на соодветни техники. Беа вклучени и две лица од Општина Босилово.

„Го поздравувам проектот, бидејќи автоматски дефибрилатор ќе има и во општинската зграда во Босилово, каде што ќе имаме и обучени лица за препознавање и пружање прва помош, односно реанимација. Целта е да се интервенира навремено и да се спаси човечки живот. Таа мрежа со дефибрилатори треба да се развива“, вели градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев.

Во наредниот период ќе следува и работилница за обучувачи, на која 25 лица од Југоистокот ќе стекнат сертификати со кои ќе можат да држат обуки за граѓаните за користење автоматски дефибрилатори во институции, поголеми работни организации, на гранични премини, во спортски сали и на стадиони.

По завршувањето на проектот, опремата од обуките ќе ја добие Црвениот крст во Струмица.

Проектот „Прекугранична област, безбедна за срцето“ на македонска страна го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, додека на грчка страна – Општата болница „Ахепа“ во Солун и Здружението за итна предболничка нега на Грција.

В. ТРАЈКОВ

„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира