ПЕТМИНА СИРИЈЦИ ТАЈНО ДРЖЕНИ ПОД КЛУЧ ВО ПРИФАТНИОТ ЦЕНТАР ГАЗИ БАБА, ОТКРИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    ПЕТМИНА СИРИЈЦИ ТАЈНО ДРЖЕНИ ПОД КЛУЧ ВО ПРИФАТНИОТ ЦЕНТАР ГАЗИ БАБА, ОТКРИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛПеттемина киднапирани и затворени мажи од Сирија биле нелегално лишени од слобода, бидејќи имале документи; - Прифатниот центар за странци Гази Баба

    Петмина Сиријци кои полицијата ги нашла на Железничката станица во Скопје со купени билети за Гевгелија, биле приведени, однесени во Прифатниот центар за странци Гази Баба и тајно држени под клуч, сѐ додека случајно не ги открил тимот на Народниот правобранител, кој дошол во посета на Центарот во вторникот. Петтемина киднапирани и затворени мажи од Сирија биле нелегално лишени од слобода, бидејќи имале документи.

    Она што е најстрашно, велат од тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ), кој ги открил заклучените мигранти, е што тие никаде не биле евидентирани дека влегле и дека се наоѓаат во Центарот за странци во Гази Баба. Никој не знаел дека таму има петмина затворени Сиријци. На овие луѓе неколку часа додека биле заклучени не им била дадена храна, не им бил обезбеден преведувач на арапски јазик, не знаеле зошто се затворени, не им било обезбедено правото на бранител. А кога на барање на НПМ биле ослободени, пак не биле евидентирани, иако тоа е законска и обврска на нашите власти по сите меѓународни стандарди кога на македонска  територија ќе се најдат странци со ограничено движење.

    За Народниот правобранител Иџет Мемети посебно загрижувачки е што управителот и службените лица во Прифатниот центар се обиделе да ги скријат заклучените Сиријци. Првин лажеле дека таму има само двајца странци во моментов. На членовите на НПМ им паднало сомнително однесувањето на управителот, па побарале да ги отклучи заклучените простории. Управителот тврдел дека нема никој внатре, дека тие простории не се користат.

    Но, во еден момент некој од тимот видел дека претрчал мигрант на крајот од ходникот. Извикал: „Ене мигрант!“, а управителот се налутил и му се заканил на тимот на НПМ дека следниот пат нема да им биде дозволен влез таму. Во последната заклучена просторија, на крајот на ходникот, биле откриени заробените петмина Сиријци.

    Тимот веднаш викнал преведувач на арапски и тие ја раскажале неверојатната приказна, по што биле ослободени да си заминат кон Гевгелија, односно назад во Грција, од кај што дошле за првпат. За ова сурово кршење на Конвенцијата против тортура и друго сурово, нехумано и нечовечко постапување и казнување Народниот правобранител ќе поднесе информација до Министерството за внатрешни работи и до меѓународните институции.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира